Марјан Ѓорчев: Или ќе бидеме држава достојна за ЕУ или нема да не биде!

Прочитај за: 3 минути

Ако Бугарија претендира дека има македонски граѓани со бугарско етничко потекло, и Македонија има право да бара почитување на бугарските граѓани кои се изјаснуваат дека се Македонци по род, вели Ѓорчев.

Работата на заедничката комисија за историски и образовни прашања, политичката употреба на бугарските пасоши и модалитетите за излез од бугарската блокада, се дел од темите за кои разговаравме со искусниот македонски политичар Марјан Ѓорчев. Зад него стои пратеничко, градоначалничко, министерско и дипломатско искуство. Беше македонски амбасадор во Бугарија од 2016 до 2020 година, токму во периодот на најфреквентните случувања во македонско-бугарските односи.

ДВ: Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, изјави дека Германија нуди поддршка преку нивните искуства за решавање на прашањето помеѓу Скопје и Софија, но дека тоа треба да се реши билатерално, преку експертите кои водат разговори во рамки на нивните комисии. Имајќи ги предвид проблемите во досегашната работа на мешовитата историско-образовна комисија, мислите ли дека таа ќе успее да го заврши нејзиниот дел од обврските?

Марјан Ѓорчев: Пројавените конфронтации помеѓу историчарите од двете земји за време на досегашните работни средби, се плод на различниот методолошки пристап на членовите на мешовитата историско-образовна комисија, која е обврска од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Имено, бугарската историска наука во формулирањето на својата научна доктрина го употребува „статичниот методолошки пристап”. Тоа значи дека се пристапува кон толкување на одделна историска манифестација како да е во констатно мирување, односно, не се зема предвид влијанието на општествено-политичките и социјални критериуми кои што имаат детерминантно влијание на историските збиднувања во даден простор и време во географската област Македонија. Согласно со таквата теорија „етносот Бугарин“ се смета за супстанца на бугарската нација уште од Првото средновековно бугарско царство сѐ до денес.

Се знае како настануваат нациите во Европа – од половината на 19. до средината на 20. век! Во тој контекст, историски се толкува дека „етносот Бугарин” е доминатниот етнос на географскиот македонски простор од половината на 9. век (христијанизирањето на Бугарите во 864г.) до 21. век, така што, тој етнос во себе ги содржи и ги асимилира сите други етноси кои што живеат на просторите на Мизија, Тракија и Македонија – Аромани, Евреи, Македонци, Тракијци. Македонската историска наука како основна детерминанта го има дијалектичкиот метод – анализа на сите критериуми и сили – временски, просторни, општествено-политички, економски и социјални, кои влијаат врз одделна историска манифестација.

Тоа е еталонот на сите научно-историски објаснувања за сѐ што се случувало на македонскиот географски простор низ вековите. Македонскиот дел од мешовитата историско-образовна комисија понуди многу рационален метод за усогласување на ставовите. Тоа беше предлогот да се дефинираат најпрво општите поими – кога се јавуваат етносите, како настануваат средновековните држави, кога се формираат нациите на европско тло, а дури потоа да се оди кон усогласување на ставовите околу поединечни случаи – Св.Кирил и Методиј, Св.Климент и Наум, Гоце Делчев…

Тоа, за жал, беше одбиено од бугарска страна! Заклучок: ако една наука, во случајов историска, е со појдовна методологија која е погрешна и несоодветно ја одразува историската панорама на Балканскиот простор, тогаш не може да се дојде до конкретни резултати. Бугарската страна тврди дека македонската историја е „фалсификувана” и дека „краде бугарска историја”. Оттука, се промовира ставот дека македонската страна мора да ги промени учебниците, додека бугарската страна нема што да менува во своите историско-образовни содржини.

Македонската страна спокојно констатира дека со самото тоа што државничкото име го содржи поимот и топонимот Македонија, неотуѓиво право е историските манифестации на македонскиот географски простор да бидат проучувани од македонската историографија, на начин и со методологија којашто е усогласена со современата европска историска, хуманистичка и општествена наука. Сѐ додека бугарската страна не разбере дека Македонија и Бугарија се две рамноправни држави, и работните тела и комисии формирани како обврска од Договорот имаат рамноправен статус, нема да има можност за прогрес во историската конфронтација помеѓу научниците од двете држави.

Повеќе >> www.dw.com/mk

- Следи Македонски Весник за повеќе содржини -

SHARE