Поради издавање лажни Ковид сертификати Ели Медика Плус доби забрана за вршење на здравствена дејност

Прочитај за: 2 минути

Лабораторијата Ели Медика Плус доби решение за забрана за вршење на здравствена дејност спротивно на прописите за здравствена заштита во казино во Дојран, дознава Слободен печат од извори во Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Целата документација ќе му биде испратена на министерот за здравство Венко Филипче на понатамошно постапување.

На 6 јануари, ДСЗИ изврши вонреден инспекциски надзор во казиното Кинг подружница Стар Дојран и во приватната здравствена установа Ели Медика Плус Гевгелија поради добиени информации дека во посочениот правен субјект во Стар Дојран се вршат тестирања за посетители на коцкарницата за Сарс Ков 2 вирус. При надзорот е констатирано дека постои импровизиран пункт лоциран на првиот кат во административниот дел, кој бил означен како ковид тест зона.

Во моментот на надзорот во просторијата затекнати биле три медицински лица во комплетна лична заштитна опрема кои ги вршеле тестирањата. За тој ден, 6 јануари, евидентирани биле седум тестирани лица.

Во ПЗУ Ели Медика Плус, направен е надзор во медицинската документација и законите во надлежност на ДСЗИ. По завршување на надзорот, инспекторите донеле решение за забрана на Кинг казиното за вршење здравствена дејност спротивно на прописите од Законот за здравствена заштита.

Употребуван бил простор во казиното без претходна согласност од Министерството за здравство. За ПЗУ Ели Медика Плус, донесено е решение за забрана за вршење здравствена дејност спротивно на прописите за здравствена заштита, употреба на објект простор без претходна согласност од Министерството за здравство.

Откако грчки новинари со скриени камери влегоа во дојранските казина и самите успеаја, без да им биде земен брис, да добијат негативен антигенски тест на ковид-19, македонската полиција влезе и направи претрес во лабораторијата и во казината.

Според информации на „Слободен печат“, направен е претрес на службени простории кои ги користат службени лица на правното лице „Ели Медика“ кои се наоѓаат во казиното „Кинг слот принцес“ во Стар Дојран. Направен е претрес и во службените простории на правното лице „Лабораторија за молекуларна дијагностика Ели Медика” од Гевгелија и претрес на казиното „Слот принцес“ што се наоѓа во поранешните објекти на фришоп на граничниот премин Стар Дојран.

Во регистарските влошки пишува дека „Ели Медика Плус“ – Гевгелија е отворена на 17 јуни 2021 година, а сопственици се Д-р Ѓорги Јанев и Тони Хаџи Тасев од Струмица кој во струмичката јавност е познат како близок пријател на Заеви.

Тестовите правени во оваа лабораторија многу македонски државјани ги користеа за патување преку грчката граница летоска кога се бараше доказ за негативност на ковид-19. Тие беа и уште се признаени од грчките и македонските погранични власти.

SHARE