Ја „провалија“ лабораторија која принта лажните корона тестови во казино во Дојран

корупција
Прочитај за: 2 минути

Телма открива два телефонски броја, адреса на лабораторија во Гевгелија и имејл по кој ќе стигнат податоците за корона-тестирањето.

Врз основа на тие документи беше направена новинарска сторија во грчки медиум дека во казино во Дојран се издаваат лажни негативни корона тестови на Грци кои одат да се коцкаат преку границата.

На снимките се гледаше и дури како вработена среде казино на глас извикува имиња на грчки туристи.

Кога свртевме на бројот кој стои на документот се јавија од лабораторија во Гевгелија.

Ели медика, повелете, ни рече вработената во лабораторијата.

Целото име на лабораторијата е Ели-медика плус, а скратеното име без плус го носат уште две здравствени фирми. На бројот на лабораторијата ни кажаа дека брзите антигенски тестови се готови за нешто повеќе од половина час и чинат илјада денари. Ги испраќаат електронски на имејл од истата адреса, наведена во документот кој го објавува Телма.

Ели-медика е лабораторија која преклани во јуни е фатена како лабораторија која без дозвола врши корона тестирања. Но потоа добива лиценца и како Ели-медика (без плус) е заведена во секојдневните билтени на Министерството за здравство. Во корона билтенот од 4-ти јануари оваа година е заведено дека во Ели-медика се направени 130 тестови.

Еден од пријавените за тој ден би требало да биде тестот на новинарот Христос Николаидис кој го правеше прилогот и тврдеше дека не му бил земен брис, а добил негативен тест во казино во Дојран.

На тестот стои и време дека е правен на 3-ти јануари во 14:33 часот.

За тоа деноноќие, за Дојран е пријавен само еден заболен од корона вирус без да се прецизира колку има вкупно тестирани и колку се странски државјани.

Ели медика има седиште во Струмица, а Ели медика плус е лабораторија во Гевгелија. Кога се слушнавме со доктор Ѓорѓи Јанев кој се јавува во регистарските влошки на две од вкупно 3 Ели медика во централниот регистар, негираше поврзаност со сите фирми со исто име иако во документ од сајтот на јавни набавки тој е заведен како лекар специјалист по трудова медицина, а за ели медика стојат податоци покрај за Струмица и за биохемиска лабораторија во Гевгелија.

Ни рече дека надлежните си вршат истрага.

Од МВР за тековната истрага не соопштуваат детали. Ни беше потврдено дека веќе една недела во повеќе казина и во Дојран и во Гевгелија се вршат проверки на сомнежите за издавање на лажни негативни корона тестови.

Неофицијално, кај струмичани се зборува дека доктор Ѓорѓи Јанев е партнер во Гевгелија со извесен Тони од Струмица, кој не е медицинско лице, но е длабоко поврзан со актуелната Влада во заминување.

Извор: Телма

SHARE