Комисија за заразни болести: Ако нема карантин за продолжениот викенд, коронавирусот ќе почне неконтролирано да се шири

Прочитај за: 2 минути

Комисијата за заразни болести денеска има и втор вонреден состанок, по зголемените бројки на заразени од коронавирус изминативе неколку дена, а посебно денеска, откако од Институтот за јавно здравје за државната агенција МИА потврдија дека ќе бидат над 100 нови заболени.

Во комисијата сметаат дека ако за претстојниот продолжен викенд поради празникот Духовден не се вратат рестриктивните мерки во делови од земјата, каде што има многу активни случаи, постои голема опасност коронавирусот да почне неконтролирано да се шири, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.

Дополнително, велат извори од комисијата, во одредени делови од земјата, како Лабуништа и околните села, Липково и Тетово многумина од суспектните случаи одбиваат да се тестираат и да ги кажат контактите и не може да се утврди точната бројка на заразени. За разлика од овие места, во скопските општини ситуацијата со непослушноста на граѓаните е стабилизирана, откако во убедување се вклучија градоначалниците, верските лидери и други влијателни членови на локалните заедници.

„Ако не се вратат рестриктивните мерки, се соочуваме со неконтролирано ширење на коронавирусот во одредени места, кои што сега се нови жаришта, особено во главниот град. Се размислува рестриктивните мерки да бидат предложени само за актуелните жаришта, а тие да не важат за другите места, каде што нема воопшто заразени или има само спорадично. Ќе им се препорача сигурно на граѓаните да не одат масовно на гробишта за претстојниот празник и во никој случај да не раздаваат“, вели извор од комисијата, кој не е овластен да дава официјални изјави.

Во комисијата размислуваат да препорачаат повторно да се ограничи градскиот превоз во ризичните места, како и меѓуградскиот превоз во полошкиот регион. Се размислува и да се ограничи движењето на скопјани со забрана за излез од градот за да не се шири заразата, бидејќи претстои продолжен викенд и се очекува многумина да заминат во други градови и по излетнички места.

Според категоризација на ризикот, Скопје и Тетово се веќе во фаза 4, што значи широкораспространета трансмисија на вирусот во заедницата, додека Штип е во фаза 3 со локална трансмисија.

SHARE