Првиот човек на СЈО, Катива Јанева, во интервју за „Независен“ вели дека обвинителството ќе побара меѓународна помош за да открие од каде му стигаат пари или кој го финансира претсојот на поранешниот македонски премиер Никола Груевски како азилант во Будимпешта.
– Не завршивме со истражувањето на Никола Груевски во делот на имотната состојба. По сите изјави и фотографии што се објавуваат во јавноста, гледаме дека тој живее удобен живот во странска држава. Имаме намера, покрај финансиската истрага што како предистрага се води за Груевски, да побараме меѓународна помош и да видиме кои се изворите на пари од кои се издржува Никола Груевски во таа странска држава. Но, за тоа ни е потребно да се донесе законот за јавно обвинителство – вели Јанева.
Таа ги групира во три категории причините поради кои опозицијата не сака да се дојде до лесен договор со власта околу новиот закон за јавното обвинителство со кој ќе се продолжи рокот на СЈО како регуларно тело, а за што Европската комисија има големи очекувања.
– Првиот дел се однесува на упатствата или на задолжителните правци како треба да се однесува јавниот обвинител и каков треба да биде неговиот интегритет. Во суштина, тоа е етички кодекс кој уште во 2014 година е донесен од страна на Јавното обвинителство на Македонија и стои во секое обвинителство. Вториот дел од барањата на ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат на Законот за кривична постапка и не може да бидат имплементирани во законот за јавно обвинителство бидејќи се знае што може да се регулира со закон за јавно обвинителство. Тој закон е од организациска природа, а прашањето за доказите се регулира со други закони, особено со Законот за кривична постапка. Во третата група се всушност препораки, декларации, конвенции што се потпишани и врз основа на кои се заснова законот за јавно обвинителство. Тоа значи дека законот е збир на сите принципи на кои и досега почивала јавнообвинителската организација. Тоа се: принципите на независност, неутралност, ефикасност, ефективност и отчетност – смета Јанева.
Вели дека кога ќе се продолжи рокот на СЈО со новите законски решенија ова обвинителство ќе превземе случаи од редовното кои се однесуваат на високи функционери. Верува дека ниту еден предмет од оние отворените на СЈО нема да згасне, ниту пак ќе има наменска амнестија за некого. Потврди дека повторно ќе конкурира кога ќе и истече мандатот бидејќи „на тоа имаат право сите обвинители што ги исполнуваат условите предвидени со предлог- законот“.