Проф. д-р Јовица Угриновски: ЈАТРОГЕНИЗАЦИЈА: Се поголем е бројот на пациенти коишто се разболени од доктор

Оваа болест е опишана многу одамна, но тоа биле ретки случаи. Во последно време има се повеќе луѓе коишто се жалат и кога ќе ги погледнете симптомите кои ги кажуваат и нивната уплашеност, како и испитувањата коишто се направени, можат комотно да бидат сместени во групата на јатрогенизирани пациенти, пациенти коишто се разболени од доктор.

Минатата недела речиси 50 проценти од пациентите кои дојдоа во ординација беа јатрогенизирани пациенти. Пациенти со минорни клинички знаци, речиси никакви. Меѓу нив, на пример, пациент на 70 годишна возраст, којшто има покачен крвен притисок и главоболки, кои се јавуваат секогаш кога крвниот притисок ќе порасне над 170 милиметри живин столб, што е нормално, бидејќи на секој човек кога ќе му се покачи крвниот притисок прва работа која се јавува е главоболката. Пациентот многу убаво ги дефинира симптомите, вели: „Штом ми е притисокот, докторе, нормален, месец-два-три, јас немам главоболки.“ Штом ќе скокне на 170 и повисоко, тоа му е индикатор, не му треба ни апарат за мерење на притисокот, добива главоболка.

Општиот лекар наместо да му го контролира и регулира крвниот притисок му дава упат за магнетна резонанца. Таму не е откриено ништо освен постоење на едно мало менингиомче од 10 мм. Тоа е бениген тумор, којшто појдува од обвивката на мозокот и којшто нема никаква релација со клиничките знаци. Ни случајно не може да предизвика главоболка. Тоа туморче дури и да е активно ќе му треба 20-30 години за да постане клинички манифестно. Меѓутоа, пациентот има сознание дека има тумор на мозокот, тоа е неверојатно и за него претставува трагедија! Тој е фиксиран за таа дијагноза и наод и почнува да си развива своја симптоматологија, којашто нема врска.

Ми беше многу тешко да го разубедам и да му кажам „Добро, после 30 години ќе го оперирам твојот тумор. Дојди јас ќе ти го оперирам туморот после 30 години, дај Боже“.

Друго младо момче под 30 години, кај кое се забележуваше дека е хипохондрално расположено, сака да функционира перфектно, да нема ниту стегање на десното рамо, ниту „жуљање“ на левиот палец од ногата, којшто сите симптоми си ги врзува во крпче. Меѓу другото направени се хормонски испитувања, коишто се нормални, но и покрај тоа е упатен на магнетна резонанца на мозокот. Во наодот од резонанцата рентгенологот опишува една зона од 2 мм на хипофизата, којашто пациентот си ја толкува дека е тумор. Што се случува? Пациентот нема никакви симптоми со хипофизата, има нормален хормонски статус, има нормален развој, меѓутоа има сознание дека има нешто што можеби е тумор на хипофизата и доаѓа кај мене да ме праша кои се можностите за оперативно лекување. Како да го разубедам?!

Се повеќе и повеќе има јатрогенизирани пациенти, каде што докторот погрешно или дури намерно ги интерпретира симптомите и го јатрогенизира, го разболува пациентот. Најтешко е таков пациент да се лекува. Најтешко.

извор: педијатар.мк

loading...
You Might Like
SHARE