Се огласи една од жртвите на ,,Јавна соба”: Државата да ги казни тие што ми го нарушија угледот!

Дваесет и едногодишната Јелена Мартиновска од Скопје, е една од жртвите во вознемирувачката група „Јавна соба“ на апликацијата Телеграм, каде експлицитни фотографии со навредливи и сексистички коментари се споделуваат за девојки од земјава. Таа е скандализирана од содржината на пораките во „Јавна Соба“ бидејќи како што вели за „Слободен печат“, не само што ѝ е нарушен угледот, туку и добива еден куп вознемирувачки пораки во приватни пораки.

– Прво сакам да кажам дека сум мажена и дека воопшто не е пријатно сопругот да ме гледа на вести. Многу ми е непријатно зашто уште од вчера почнаа да ми праќаат пораки во инбокс, маж ми ме виде на вести. И за ова проблемот е што знам точно кој пишува од тие профили, знам и што пишува. Вчера една личност ми се закани дека ќе паднам на најниско можно ниво и после половина час почнаа да ме аднуваат и да ми пишуваат и се појавив во „Јавна соба“. Навистина проблемот не е во фотографиите, бидејќи јас разголени фотографии немам. Се работи за обични фотографии, од мојот јавен Инстаграм профил кои подоцна со навредливи коментари се трансформираат во нешто што ми штети на угледот. Ниту некогаш сум имала фотографии со кои може да бидам оцрнета ниту нешто такво. Сакам се да се избрише од Телеграм и институциите да постапат. Одлична вест е што полицијата го знае идентитетот на сите луѓе што биле вклучени во групата. И државата треба да поведе постапка и јас лично ќе поднесам приватна постапка за нарушување на честа и угледот – изјави Мартиновска за „Слободен печат.

SHARE