Доколку ги знаете сопружниците Орце и Ана Камчеви, како што јас ги знам, не би им дозволиле да се приближат до судската зграда, а не па да сведочат. Нивниот кредибилитет не може да се мери, тие се дно на дното, рече Катица Јанева на почетокот на завршните зборови во „Рекет“ напаѓајќи ги бизнисменот и неговата сопруга.
Бизнисменот и сопругата беа клучните сведоци на обвинителката Вилма Русковска, а Јанева во ниту еден момент не ги поштеди со жесток речник.
„Сум слушнала и видела. Тој е прљав играч и злобен, мисли дека може секој да купи, ама се зае.ал. Може некој друг, а не мене… Го искористија искреното пријателство што го имавме со Бојан, да ме стават на столбот на срамот. Не би сакала да сум ви во кожа за оваа пресуда. Мене ми е чист образот. Ако некој сакаше да го сруши СЈО, не му требав јас. Јас да лежам во притвор за Орце Камчев? За недокажани пари дека се земени? За недокажано дека ги извадил од своите сметки? Ако беше шеќер во прашање, кокаин ли ќе речеа дека бил? Јас сум 55-годишна жена. Произлегувам од судско семејство. Имам пари да се издржувам и не му се понижувам на никој“,
зборуваше возбудено Јанева.
Со остри зборови се обрати и кон судечкиот совет, но и кон обвинителите и судсите, на кои им порача дека заслужува пофалба од нив бидејќи да не била таа да кажела јавно дека се потребни пари и поголем кадар, тие денеска немаше да имаат повисоки плати за 35 проценти.
Со жесток речник зборуваше и за „некои обвинителки“, велејќи дека кога го избирала тимот за СЈО не сакала да зема такви кои се неспособни и „се остарени и кризираат ако после 16 часот не се напијат ракија“.
Таа употреби остар речник и кога зборуваше директно за обвинителката Вилма Русковска, која денеска не беше во судницата бидејќи беше на рочиште за случајот со организаторите на „27 април“.
„Изеде ме туѓа срамота. Да подигнеш обвинение без вештачење, да биде прифатено од тројца судии, а без половина докази да се доставени до судот. Се срамам што сум дел од овој процес. Нема никакви докази, а што е најважно немаме пари. Каде се парите? Ова е голо обвинение без докази, мене ми е срам што овие два дена го распарталивме како баница, а тоа го слушнаа обвинители кои не заслужуваат. Не дојде за да не се црви тука“,
рече Јанева.
Таа цитираше дел и од воведни зборови на Русковска, кога рече дека имало еден филм „Чарлиеви ангели“, во кој влегла Јанева, но се заплеткала во мрежата на самопрогласената естрадна ѕвезда Боки 13.
„Токму заради овие зборови очекувавме дека, ете, сега Јавното обвинителство ќе ни го покаже тој филм и ќе даде една критика за истиот. Но, се прикажа дека слушнавме само едно малициозно критизерство“,
рече поранешната шефица на СЈО, а сега обвинета во случајот „Рекет“.
Јанева рече дека не посрамотила никого, има со што да се гордее, а во конкретниот случај смета оти е невина и не направила никакво кривично дело, туку дека е грубо изманипулирана.
Со нејзините завршни зборови во судскиот процес остана уште да се изрече пресудата. Судијката Васка Николовска-Масевска изрекувањето го закажа за 18 јуни.
Пред Јанева, денеска завршни зборови дадоа и нејзините адвокати Ирена Фрчкоска и Дељо Кадиев.
Бојан Јовановски-Боки 13 и неговиот бранител Сашко Дукоски завршните зборови ги дадоа вчера, а обвинителката Вилма Русковска минатата недела.