За десетина дена истекува вториот мандат на претседателот Ѓорге Иванов, а во јавноста веќе се отвораат прашањата каде ќе оди и што ќе прави откако ќе ја напушти вилата на Водно.
Од кабинетот на претседателот засега нема официјална информација каде Иванов ќе ја продолжи својата професионална кариера по 12 мај и кои привилегии ќе ги добие. Во јавноста се шпекулира дали тој ќе се врати на Правниот факултет во Скопје, дали ќе побара претседателски кабинет или можеби ќе замине во Турција како професор на некој од универзитетите каде добиваше титула на почесен професор, а повеќе пати беше поканет како предавач.
Од Владата денеска потврдија дека Иванов се интересирал официјално кај Службата за општи и заеднички работи, колку изнесува годишниот буџет за поранешен претседател на државата кој како што денеска изјави владиниот портпарол е во висина од 8% од годишниот буџет на претседателот. Од Владата информираа дека Иванов треба да поднесе барање за деловни простории за формирање на кабинет како поранешен претседател и дека такво барање до сега не е поднесено.
Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство по престанок на функцијата, тој има право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на државата, има право на канцелариски простор и најмногу три соработници. Има и право на лично обезбедување, како и право на користење службено возило и возач.
Од поранешните претседатели, Бранко Црвенковски има доживотна претседателска пензија и кабинет, а по 12 мај кога му истекува мандатот, право на пензија ќе има и Ѓорѓе Иванов. Семејството на загинатиот претседател Борис Трајковски, пак, неговата сопруга Вилма согласно закон и децата имаат други права.
Извор: www.libertas.mk