Инспектори на УЈП влегоа во затворот Шуто Оризари за да го известат притворениот Бојан Јовановски, претседател на невладината Меѓународен сојуз која е предмет на финансиска контрола.
УЈП првично побарала налог од Кривичен суд, за да влезе во затворот бидејќи се работи за притворено лице. Согласно процедурата тие треба да го известат Јовановски, дека инспектори влегуваат во невладината, по што ќе следи постапка за прибирање на документите неопходни за контрола, кои ќе покажат дали невладината работела согласно законот односно дали биле подмирени сите даночни обврски.
Како што информираат од затворот, Јовановски се уште не се сретнал со инспекторите. Од таму додаваат дека на Јовановски утрово му се слошило, била повикана брза помош и му била укажана лекарска помош.
Инспекторите се должни да го известат Јовановски само за Меѓународен Сојуз, за БМЈ груп и 1тв испратени се налози каде што од понеделник треба да започнат финасиските проверки.