И Македонија се подготвува за ковид-вакцината: Еве кој смее, кој не – да се вакцинира

ковид вакцина
Прочитај за: 2 минути

Вакцината против Ковид 19, ќе можат да ја примат сите граѓани и ризични групи на пациенти кои во моментот се во добра општа здравствена состојба, но големо внимание ќе мора да се обрне кај оние граѓани кои го прележале вирусот, а кои се уште се во фаза на оздравување или имаат последици од него.   

 

Според информациите на „Слободен печат“ од членови на Комисијата за заразни болести и Комитетот за имунизација, препораката е најмалку еден месец по прележувањето грип или ковид, лицата да се вакцинираат со вакцината против ковид и тоа исклучиво ако се здрави. Активните случаи не примаат ниту една вакцина, вклучително не и ковид вакцината затоа што имаат акутна инфекција.

 

Претседателката на Комитетот за имунизација, професор доктор Александра Грозданова за „Слободен печат“ вели дека како и за секоја друга вакцина, така и онаа што ќе дојде во земјава против Ковид 19, ќе мора граѓаните да ја примат доколку се во општа добра здравствена состојба. Иста е ситуацијата и со вакцинацијата за грип.

– Сега имавме прашање на Комисија, што се случува со пациентите кои прележале ковид, дали да примат вакцина за грип. Одговорот е да, секако, но најрано месец дена по прележувањето и ако се во општа добра здравствена состојба. Не сите пациенти со прележан ковид се во иста состојба. Некој го поминал вирусот ,,на нога” за три дена и не ни знаел дека го има, а некој четири месеци подоцна е со сериозни здравствени последици. Не може да се даде општа препорака, туку тоа зависи од случај до случај, вели Грозданова.

Таа додава дека грипот не остава такви последици како што се случува со Ковид.

– Ковидот дава временски подолгорочни последици, кардиоваскуларни заболувања, состојби со срцето, бубрезите, невролошки заболувања. Тоа не го гледаме кај грипот. Но, правилото да не се прима вакцина кога лицето не е во добра општа здравствена состојба важи за сите инфективни заболувања и тоа за сите пациенти од новороденче до геријатриски пациент, независно за тоа за каква вакцина станува збор, објаснува професорката на Фармацевтскиот факултет. Иако земјава се приклучи кон КОВАКС механизмот, кој гарантира дека ќе ја добиеме прво – регистрираната и првоодобрената вакцина од СЗО, сепак за сите земји од Европа и од светот нејзиното складирање претставува логистички предизвик.

Министерот за здравство Венко Филипче, вели дека американска фондација се понудила на Македонија да и ги донира фрижидерите во кои ќе се чува вакцината на американскиот производител ,,Фајзер” затоа што таа треба да се чува на минус седумдесет степени. Испораката се очекува за четири до пет недели. Иако не е сигурно дека токму фајзеровата ќе биде првата вакцина која ќе стигне кај нас, сепак здравствените власти се подготвуваат и за ова сценарио.

Компаниите Фајзер и Модена до Европската медицинска агенција поднесоа барање за одобрување по итна постапка. Клиничките студии завршија и почнува административниот процес на одобрување кој требало да резултира со административни дозволи за употреба на овие две вакцини до крајот на годинава.

Повеќе >> Слободен печат

- Следи Македонски Весник за повеќе содржини -

SHARE