Сега сме во фаза кога ги гледаме добрите ефекти на силните рестриктивни мерки, кога имаме затворени градинки, школи и граници и има мирен период, но треба да сме свесни дека вирусот нема да исчезне во долг период и сликата ќе се смени дури кога ќе има вакцина и после до стекнување на колективен имунитет
За 10 пати е намален бројот на заболени од ковид-19 во споредба од пред еден месец што покажува дека епидемијата е под контрола, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, соопштувајќи ги заклучоците и предвидувањата на Комисијата за заразни болести.
Тоа, како што рече, е резултат на доследно спроведување на препораките на оваа Комисија која ги доставува до Владата.
Констатацијата дека епидемијата се смирува односно е под контрола е донесена врз основа на повеќе фактори, и тоа: бројот на новозаболени пациенти, број на пациенти во болниците, број на пациенти со тешка клиничка слика и на респиратори, бројот на слободни кревети во болниците, број на починати лица, проценти на пациенти за кои се знае кластерот на заразата, како и Р-0 факторот на преносливост. Сите овие фактори, како што рече Филипче, се значајно подобрени од почеток на епидемијата.
„Сега сме во фаза кога ги гледаме добрите ефекти на силните рестриктивни мерки, и сега сме во во последните недели на траење на респираторните епидемии, кога имаме затворени градинки, школи и граници и има мирен период. Но треба да сме свесни дека вирусот нема да исчезне во долг период и сликата ќе се смени дури кога ќе има вакцина и после до стекнување на колективен имунитет. Пред нас е период кога треба да живееме со вирусот“,
рече Филипче во врска со предвидувањата за тоа како ќе се движи состојбата во следниот период.
Тој рече дека влошување може да се очекува со отворање на границите, патување надвор и враќање на наши државјани и влез на странци, како и почетокот на школската година, и во доцната есен со појавата на епидемии од сезонски грип.
*Поврзана вест
Ковид-19: Од 155 новозаразени во последните седум дена, 137 се од Скопје, Тетово, Велес и Прилеп