Жената херој на нашето време – срцето и бубрезите на Емилија Динева спасија три животи

Прочитај за: 3 минути

Како што е познато на Клиниката за Кардиохирургија во Скопје, по 6 часа операција, во 2 часот по полноќ беше трансплантирано новото срце во телото на 54 годишниот пациент. Два бубрега од истиот донор во моментов се трансплантираат на Клиниката за Урологија кај двајца пациенти со хронична бубрежна слабост кои со години беа на дијализа.

Првата трансплантација на срце во координација со Министерот за здравство Доц. др Венко Филипче ја започна и ја водеше Националниот координатор за трансплантација др Маја Мојсова Мијовска.

Таа со својот тим болнички координтори- др Билјана Андоновска, др Весна Дурнев и Адријана Георгиев од Министерството за здравство ја процесираа пациентката во мозочна смрт и ги направија сите лекарски, технички и административни подготовки за да се започне со трансплантацијата на срце и бубрези.

„Трансплантацијата е успешна. Ова е голем ден за нас. Посебен по многу нешта. Би сакале најпрво да се заблагодариме на семејството на донорот. Да се донесе одлука да се даруваат органи во моментот кога го губите саканиот, е тешко. Незамисливо тешко.

Потребно е многу сила, многу љубов и многу хуманост да мислите на нечиј туѓ живот во моменти кога знаете дека сте го изгубиле најблискиот. И за ова сме им бескрајно благодарни. Тие се се хероите на оваа приказна.

Би сакал да им се заблагодарам на лекарите од јавното и приватно здравство, медицинските сестри, координаторите и сите оние кои тимски ја направија трансплантацијата. Ова е огромен успех за македонското здравство“ – порача Филипче.

На експлантацијата работеа др Марјан Шокаровски и др Александар Колевски од Клиниката за државна кардиохирургија, др Александар Николиќ од Аџибадем Систина, а од КАРИЛ анестезијата ја водеа др Маја Мојсова Мијовска, др Весна Дурнев и др Билјана Андоновска.

Во Македонија беше направена историска трансплантација на срце, истата беше успешна, а покрај хероите доктори и медицински сестри, најголем херој  е Емилија Динева.

Динева е жената чии органи, едно срце и два бубрези ќе го продолжат животот на тројца други луѓе. Емилија Динева го загуби својот живот во несреќа.

Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов за ,,Фокус” вели дека е горд на неговата сограѓанка Емилија и на нејзиното семејство. Тие му биле соседи, вели дека познавајќи го семејството цел живот, веста длабоко го трогнала.

-Емилија е родена во Јосифово, долги години со сопругот живее во Стар Дојран, мои соседи се и луѓе кои ги почитувам. Во понеделникот се случи несреќата, која за жал заврши кобно. Таа беше во кома изминатите денови, не преостануваше ништо друго… Одлуката да се донираат нејзините органи ја донесе целото семејство, сопругот на Емилија, нејзината ќерка која има 23 години и синот кој има 18 години. Нема зборови со кои може да се опише нивната големина. Оставија траг во нашето здравство, во нашата медицинска историја – емотивно раскажува Ангов.

Додава дека покрај огромната тага која што ја чувствува цел Дојран, сите се истовремено горди на ова семејство.

-Уште е рано да се зборува, но секако дека во план ни е Емилија да добие постхумно признание од нашата Општина, да се остави белег на ова што се случи. Да се следи примерот на семејството Диневи, да се подигне свеста за донирањето на органи. Во едно семејство денес има тага, други три семејства започнуваат нов живот. Засекогаш ќе бидат споени во својата болка, но и благодарност. Тешки се овие моменти за сите. Во постојан контакт сум и со министерот за здравство Венко Филипче, ќе сториме се што можеме да му помогнеме на семејството во овие тешки моменти, но и да се запомни големината на сите овие луѓе- порача градоначалникот Ангов.

SHARE