Нервоза кај собранискиот спикер, истраги во МВР, СЈО и државното обвинителство, а Ел Чека продолжува да ги пушта прислушуваните разговори на Фејсбук. Со бомбите осудените од Диво Насеље праќаат порака до ДУИ, бидејќи во најголем дел од нив се споменувани високи функционери, почнувајќи од Али Ахмети, Муса Џафери, Блерим Беџети. Полицијата знае кој е.
– „Нашиот сектор за компјуитерски криминал работи, е детектирано лицето кое ги објавува, преку обвинителството и барањето за меѓународна правна помош ќе се постапува. Едно лице е, се знае кое е…“ – Оливер Спасовски – Министер за внатрешни.
Валдет Зекај – осуден на доживотна казна, Шефќет Халачи и Сами Укшини алијас командант Соколи кои добија 40 години за терористички напад во Диво Насеље преку адвокатот Насер Рауфи барале да бидат известени медиумите дека тие ги поседуваат „бомбите“ . Тие барале од Ел Чека да ги објавува од Чикаго, каде што моментално живее. На неговиот фб-профил има најави за уште поконтроверзни разговори на функционери од ДУИ, ако не се спроведе меѓународна истрага. Првиот човек на Собранието не сака да зборува за оставка ако го има во компромитирачки разговор.
Новинар: Господине Џафери продолжува објавувањето на бомбите каде таргет е ДУИ. Доколку излезе некој разговор каде има индиција дека вие сте замешан во незаконски дејствија дали ќе преземете нешто?
Џафери: Ова се ваши хипотези, може да дадам одговор сега.
Новинар: Дозволете да го завршам прашањето..
Џафери: Ова се ваши хипотези, тоа е хипотетички аспект и јас не давам хипотетички одговори, така што оставаме на времето.
Новинар: Доколку излезе некој материјал на кој вие се слушате дали ќе ги следите чекорите на Павле Богоевски?
Џафери: Па вие сега сакате да ме споредувате со Павле, ајде доста!
Единствено бомбите не стасале до премиерот Зоран Заев кој беше прашан дали ќе бара одговорност од коалициониот партнер. Освен функционерите на ДУИ, во една од бомбите Ел Чека тврди дека е помеѓу екс министерката за внатрешни Гордана Јанкуловска и поранешниот министер за правда Блерим Беџети. Наводно разговараат за случајот Монструм како да се намали медиумискиот интерес околу екстрадиција на Алил Демири кој побегна во Косово.
Извор: 24.mk