ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ не можат сами да го распуштат Собранието

Гласовите со кои располагаат владејачката ДУИ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ не се доволни за да се распушти парламентот, за што треба да гласаат најмалку 61 пратеник.

ДУИ има десет пратеници, додека гласачкиот „капацитет“ на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ е сведен на 39 пратеници, од кои едниот е Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите, а двајца се од редовите на Социјалистичката партија. Според тоа, на двете партии, некогашни коалициски партнери, за кои сега има нови сомневања дека се во соработка – наспроти владејачкиот СДСМ, им недостигаат уште најмалку 12 гласа за да можат сами да „предизвикаат“ вонредни избори. Во пополнување на тој гласачки „вакуум“ тешко дека би учествувале пратениците од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, така што и во случај Беса и Алијансата за Албанците (кои заедно имаат пет пратеници) да бидат „за“ распуштање на парламентот, тоа нема да биде доволно за гласањето да биде успешно.

Разминувања

Коалициските партнери во Владата – СДСМ и ДУИ од вчера се повторно на различни позиции за тоа во кој момент треба да се распушти Собранието. Додека генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, а денеска и техничкиот премиер Оливер Спасовски, изјавуваат дека нема да се дозволи распуштање на Собранието додека не бидат донесени клучните закони (за ЈО, за избори, за одбрана и за разрешувањето на министерката Рашела Мизрахи…), во собраниската агенда стои седницата за распуштање на парламентот в недела, додека и натаму се одолговлекува расправата за законот за ЈО. СДСМ, всушност, не е против в недела да се распушти парламентот, ама под услов дотогаш да бидат донесени сите важни закони.

Од т.н. приоритетни закони, денеска на дневен ред е ставен само уште предлогот за разрешување на Мизрахи, но нема најави дали ќе има седница за законот за одбрана, како што нема ниту потврда за тоа дали измените на Изборниот законик, согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР се влезени во собраниска процедура. СДСМ и ДУИ во изминатиот период имаа разлики околу тоа дали двотретинскиот закон за одбрана мора да се донесе пред изборите, како и за тоа дали има време да се сменат границите на изборните региони во Изборниот законик.

ВМРО-ДПМНЕ, првично, ја оцени како политички маневар изјавата на Николовски дека СДСМ може да формира ново парламентарно мнозинство и да оди на редовни избори. Сепак, анализите на „360 степени“ укажуваат дека такво сценарио не е неизводливо. Со оглед на тоа што парламентарното мнозинство сега брои 69 члена, евентуалното излегување на ДУИ од коалицијата би значело десет пратеници помалку во парламентарното мнозинство. Од друга страна, тогаш на СДСМ би му недостигале само уште двајца пратеници да стигне до неопходниот минимум од 61 глас за формирање ново мнозинство.

Математики
Математиките укажуваат на тоа дека, со оглед на моменталните релации меѓу партиите во законодавниот дом, полесно би му било на СДСМ да формира ново мнозинство, отколку на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ да обезбедат гласови за распуштање на парламентот. До потребните минимум два гласа за ново мнозинство и за избор на влада, СДСМ би можел да стигне со делумна поддршка од независните пратеници, како и со вклучување на двете сега опозициски партии на Албанците -Беса и Алијанса. На тој начин би се обезбедило и Бадентерово мнозинство за одредени проекти, ако се има предвид дека дел од владејачката коалиција сега се и Алтернатива (тројца пратеници) и ДПА (со двајца пратеници), како што и неколкумина пратеници на СДСМ се етнички Албанци. Тешко остварливо во овој случај би било само двотретинското мнозинство.

Евентуално формирање ново мнозинство би значело суспендирање на сегашната техничка влада, така што СДСМ повторно би требала да номинира мандатар за состав на нова политичка влада. Доколку дојде до тоа, редовни парламентарни избори би требало да се одржат во последните 90 дена од истекот на мандатот на овој парламентарен состав, кој беше конституиран на 30 декември 2016 година. Тогаш беа верификувани мандатите на поголем дел од актуелните пратеници. Во таков случај, почетокот на октомври би бил и почетен термин за одржување евентуални редовни избори.

SHARE