Д-р Маја Мојсова Мијовска: Се подготвуваме за развој на мултиорганската трансплантација
По повод направената прва трансплантација на срце во државава ексклузивно за Македонски Весник зборува д-р Маја Мојсова Мијовска, Национален координатор за трансплантација.
1. Како се чувствувате сега по веќе направениот подвиг? Колку беше тешко или лесно да се направи сето ова? Можеше ли порано? Што е идно?
– Секако дека не беше лесно, но се подготвувавме за ова подолго време. Потребно беше да се создадат услови и секако да имаме донор на срце. Работевме на овој проект речиси цела година, ги координиравме тимовите, ги подготвувавме протоколите се со цел да бидеме спремни кога ќе го имаме вистинскиот донор на срце.
Инаку трансплантацијата на срце е ставена во Програмата за трансплнатација од јануари 2020 и од тогаш реално таа може да се изведува во земјава. Во оваа програма е предвидено развој на мултиорагнската трансплантација, што значи покрај бубрези кои до сега се работе и срце, црн дроб и коски и коскени ткива.Тоа се нашите планови за иднина.
2. Како е сега пациентот? До кога ќе трае целата постоперативна постапка – опоравување и заздравување?
– Пациентот е се уште во една критична фаза што е сосема нормално за овој тип на интервенција. Се наоѓа на одделот за Интензивна нега и терапија на Клиниката за кардиохирургија и се следи од колегите анестезиолози и кардиолози. Се надеваме дека наскоро ќе излезе од оваа фаза, но кога се работи за трансплантација на орган, сите прогнози се неблагодарни.
3. Кој го сочинуваше вашиот најблизок тим? Очигледно тоа беше „женски тим“ и срцето кои продолжи да чука е срце на ЖЕНА на која вечно сите ќе сме и благодарни… Колку сето ова беше симболично да кажеме успех на жените?
-Ова беше успех на целиот тим почнувајќи од болничките координатори кои имаа удел во делот на детекција на донорот и разговор со семејството, потоа на медицинските тимови од клиниката за државна кардиохирургија , Урологија, Трансфузиологија, Нефрологија, Радиологија и секако да не ги заборавиме тимовите од приватните клиники кои помогнаа во целата постапка.
Јас би сакала да го гледам како успех на сите, на жените и на мажите, на колегите од приватното и од јавното здравтво. На лекарите и на медицинските сестри. На целиот помошен персонал. Едноставно успех на еден тим од луѓе кои веруваа во оваа трансплантација.
4. Како се одважија мажите – хирурзите да ги избришат разликите кои ги имаа преходно и да се соединат заедно да ја спроведат оваа огромна хумана операција наречена ЖИВОТ!?
– Веројатно кога се работи за живот на пациенти, сите разлики кои условно сме ги имале стануваат небитни. Кога ќе влезат во операционата сала зад себе сите ги оставаат сопствените размисли и дилеми и се концентрираат на пациентот. Да се направи трансплантација на срце е значајна работа и секој хирург кој работи на ова поле сака да ја има оваа интервенција во неговиот опус на работа. И тоа е поважно од сите разлики кои можеби ги имаат.
5. На кој момент најмногу ќе се сеќавате, како момент на прекршување во насока „Ќе успее или не сето ова“?
– Имаше повеќе такви моменти во текот на тие 24 часа. Секако едно е да планирате нешто а сосема друго е кога тоа во пракса ќе треба да го направите, Но се покажа дека и условно кажано пречките не се несовладливи и дека можеме да ги премостиме. Секој дел од работата на ова трансплантација помина добро и од оваа дистанца сум задоволна како се помина.
6. Каква иднина прогнозирате на проектот Трансплантација во нашата држава?
– Јас верувам во овој проект и како лекар и како Националнен координатор за трансплантација. Она што сметам дека можеме да го направиме како здравствен систем е мултиорганската трансплантација и таа е ставена во Програмата за трансплантација за оваа година. И покрај ситуацијата со Ковид 19, се надевам дека ќе имаме поголем број трансплантации во однос на лани.