Димитров: Ако Македонскиот јазик е причина да не се одржи меѓувладината конференција со ЕУ, јас сум ОК со тоа

Никола Димитров
Прочитај за: < 1 минута

Логично е да очекуваме да следува Меѓувладина конференција, но ќе биде поразително ако идентитетските прашања станат проблем, рече вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров.

Тој на денешната прес-конференција по повод мандатното писмо од Владата за мисијата и задачите на Секретаријатот за европски прашања, кажа дека во наредниот период ќе се засилат дипломатски напори за да се одржи Меѓувладината конференција, но поради противењето на Бугарија, не ја исклучува можноста таа да не се одржи.

„Не може да се исклучи дека ќе нема Меѓувладина конференција до крајот на оваа година, но ако причината за тоа е македонскиот јазик, јас сум океј со тоа“, рече Димитров одговарајќи на новинарско прашање.

Тој додаде дека македонската страна ќе даде сè од себе да се најде решение, додавајќи дека полето ни е ограничено.

„Нашето право на самоопределување во 21 век, на овој континент не може да биде спорно. И ако македонскиот јазик стане пречка во интеграцијата во ЕУ, ќе стане многу спорна придавката во името Европска. Не можете да бидете европски, а да се мешате во правото на еден народ што е и каков јазик говори. Има голема амбиција во Берлин овој процес да успее. Канцеларката Меркел јавно во Европскиот парламент јавно кажа дека еден од најголемите приоритети во смисла на надворешната политика на германското претседателство е да почне преговори со Северна Македонија“, рече Димитров.

Димитров не смета дека работата на мешовитата македонско-бугарска комисија е неуспешна, особено, ако се има предвид дека вакви комисии од други земји работат со децении.

– Следи Македонски Весник за повеќе содржини –

SHARE