Никола Димитров: 120 милиони евра помош од ЕУ ќе пристигнат во наредните денови

Прочитај за: < 1 минута

По средбата со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, како и со неговиот тим, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров најави дека во наредните денови треба да пристигнат 120 милиони евра помош за Северна Македонија од ЕУ.

-Врз основа на финансискиот договор потпишан кон крајот на минатата недела ќе стигне сума од 40 милиони евра директна буџетска поддршка, а овие денови и транша од макрофинанскиот пакет во износ од 80 милиони евра, изјави Димитров.

Вицепремиерот бил „детално информиран“ од страна на Европската комисија за најавениот Економски и инвестициски план кој треба да се објави на почетокот на идниот месец.

-Ќе мораме да се стрпиме бидејќи сѐ уште трае процесот на консултации, некаде на почетокот на октомври ќе биде објавен но очигледно пред нас е голема шанса за инфраструктурно поврзување, за зелена агенда, за економски развој на нашата татковина како и на регионот, рече вицепремиерот.

Тој се осврна и на почетокот на преговорите со ЕУ, што Северна Македонија го очекува до крајот на оваа година. За ова разговарал со еврокомесарот Вархеји, кому му се заблагодарил за предлог преговарачката рамка, што Димитров ја смета за квалитетна.

-Се заблагодарив за неговата и улогата на неговиот тим во однос на новата методологија што го овозможи зеленото светло за политичката одлука да се почне со пристапните преговори, од март годинава. Но и за нивниот дел од работата за преговарачката рамка. Да не заборавиме дека Комисијата излезе со еден добар нацрт, рече вицепремиерот задолжен за европски прашања.

Преговарачката рамка се дискутира на техничко ниво во ЕУ за сега каде земјите членки ги пеглаат своите разлики, посебно во однос на барањата кои пристигнуваат од Софија.

SHARE