Бугарија е наш сосед, членка на Европската унија и треба да биде наш пријател и поддржувач за влезот во ЕУ, а не да става вето и блокада на преговорите и да го попречува европскиот пат на Македонија, вели историчарот Тодор Чепреганов во интервју за „А1он“.
Повикувајќи се на историски факти, Чепреганов вели дека тие треба да ги поврзуваат двете земји во добрососедски дух, да бидат мост на соединување бидејќи балканските народи имаат многу испреплетени врски од минатото и доколку се копа по нив, постои опасност од отворање на нови конфликти и непријателства. Според него, потребо е да се биде разумен и конструктивен, да се бараат решенија прифатливи за двете страни. До македонскиот политички врв порача дека не треба да се согласи со копромис кој ќе значи отстапување и откажување од македонската самобитност.
За бугарските историчари и голем дел од политичарите, создавањето на македонската нација и македонскиот јазик изгледа како никогаш непрежален дел од историјата и откинат дел од бугарскиот народ. За Македонците тоа изгледа како целосно апсурден став. Може ли тука да се изгради некаков мост на разбирање и како?
-Несомнено дека пријателските односи се важен дел од битисувањето на секоја држава. А, особено да имате добри односи со соседите, тоа е богатство, бидејќи тие би требало да бидат први кои ќе ви се најдат во случај на некоја природна непогода или за било што. Така би требало да биде. За жал сведоци сме, а историјата тоа ни го потврдува, дека понекогаш соседите имаат негаторски, агресивни и територијални претензии кон своите соседи. Во таква ситуација во моментот се наоѓа Македонија. Нејзиниот сосед Р. Бугарија тргната е во тотална офанзива во негирањето на идентитетот, јазикот, историјата и културата на Македонија како држава и македонскиот народ како идентитет. Во основа имаме оркестрирани напади од страна и на политиката, историчарите и голем дел од јавноста. Од своја страна македонските политичари настојуваат со еден умерен политички тон да ги амортизираат тие напади без додавање масло на огнот и да покажат како треба да се градат добрососедските односи. Дека во 21 век е сосема неприфатливо да се настојува соседот тотално да се обезличи и дека тоа не е никаков приод кон градењето на мостови за разбирање, а уште помалку со уцени да се настојува да се спречи почетокот на преговори на земјава со ЕУ.
Повеќе >> a1on.mk