Бугарија со барање до ЕУ да го користи изразот „службен јазик на Република Северна Македонија“

каракачанов

На денешната седница на Владата во Бугарија беа усогласени позициите на бугарската Влада во врска со процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ. Притоа Бугарија поставува низа услови, кои сериозно можат да ги забават преговорите доколку Македонија добие датум. Во воведот на текстот стои дека иако Бугарија е конзистентна во својата поддршка за проширување на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан, сепак, „Бугарија не треба да дозволи интеграцијата на Република Северна Македонија во ЕУ да биде придружена со европско легитимирање на анти-бугарската идеологија спонзорирана од државата“.

„Фалсификувањето на историјата на дел од бугарскиот народ по 1944 година е еден од столбовите на анти-бугарската идеолошка конструкција на југословенскиот тоталитаризам“, стои во текстот.

На денешената владина седница, членовите на бугарската влада подвлекле дека соседските односи треба да бидат оценувани во секоја фаза од пристапниот процес на земјите кандидати. Притоа тие се договориле да побараат во Заклучоците на Советот за општи работи при ЕУ на 15 октомври, Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија и неговата реализација да биде еден од условите во преговорите за членство.

Под напредок во реализација на Договорот, Бугарите подразбираат:

„Република Северна Македонија треба да се воздржи од водење политика, без разлика во каква форма, на поддршка и промовирање на барањата за признавање на т.н. „македонско малцинство“ во Бугарија. Република Северна Македонија да ги усогласи своите позиции и активности во меѓународните организации и форуми со член 11 од Договорот за добрососедство, јасно кажувајќи дека нема историска или демографска причина да се бара малцински статус за било која група граѓани на територијата на Република Бугарија. Механизмите на Советот на Европа не треба да се користат од Република Северна Македонија да изврши притисок врз Бугарија за прашања поврзани со правата на лицата кои припаѓаат на малцинските групи.“

Тоа се барањата на Бугарија за македонското малцинство. Понатаму официјална Софија бара:

– активирање на процесот на рехабилитација на жртвите од југословенскиот комунистички режим, потиснати заради нивната бугарска самосвест

– започнување на процес на лустрација на соработниците од денешна Република Северна Македонија на службите за безбедност на бивша Југославија;

– преземање на систематски мерки за отстранување на табли и натписи од споменици, спомен плочи и згради на текстови што содржат отворена омраза кон Бугарија, како оние што содржат квалификации како „бугарски фашистички окупатор“

Во делот за активностите на Заедничкиот мултидисциплинарен експертски комитет за историски и образовни работи, Бугарија ќе бара договор, како што наведува, за заедничката историја на двете земји до 1944 година, како и постигнување договор за Гоце Делчев, за ВМРО и за Илинденското востание. Освен тоа, како услов е наведено и договарање за заедничко чествување на настани и личности.

„Кога ќе се чествуваат настаните и личностите за кои се согласиле, политичарите, претставниците на институциите во Република Северна Македонија, како и медиумите финансирани од државниот буџет, своите службени изјави и коментари ќе мора да ги засноваат на текстови договорени од Комисијата“, стои во текстот.

Договорите со Бугарија и Грција, според бугарската Владата, треба да бидат составен дел на поглавјето за преговори број 35, кое би било меѓу првите отворени и последни затворени поглавја.

Во врска со македонскиот јазик, Бугарија ќе инсистира Европската Унија да ја користи формулацијата „службен јазик на Република Северна Македонија“.

„По однос на јазикот да се користи изразот „службен јазик на Република Северна Македонија“. Кога е апсолутно неопходно да се користи терминот „македонски јазик“ во документите на ЕУ, притоа секој пат со ѕвездичка да се појаснува „според Уставот на Република Северна Македонија“. Треба да биде јасно дека јазичната норма прогласена за уставен јазик во Република Северна Македонија е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите дијалекти во поранешната југословенска република. Ниту еден документ или изјава во процесот на пристапување не може да се смета како признание од бугарска страна за постоење на т.н. „македонски јазик“, одвоен од бугарскиот“, стои во текстот на министрите.

Понатаму, Бугарија ќе бара усогласување на наставните програми за историја и литература во двете држави, а во согласност со постигнатите договори меѓу експертите од мешовитата Комисија за историски и образовни прашања. За таа цел, од Бугарија предлагаат на следните средби меѓу експертите да присуствуваат и претставници на министерствата за образование.

Но условите кои ги поставува Бугарија одат подалеку од тоа и бараат од Македонија „јасна заложба и временска рамка за договорите постигнати од страна на комисијата да се одразат во книги, документарци, филмови и музеи финансирани од државата.“

Бугарија ќе бара од ЕУ во поглавјата за преговори со Македонија да бидат вклучени овие услови како дополна на поглавјата. Притоа, во насока на надминување на говорот на омраза во јавниот домен кон лицата кои се идентификуваат како Бугари, Бугарија ќе бара примена на професионални стандарди во медиумите, транспарентност за сопственоста и финансирањето на медиумите и регулирање на порталите.

По постигнување Договор за пристапување на Македонија во ЕУ, Бугарија ќе бара не само да има глас при ратификување на Договорот, туку и право да се потпише на Договорот.

„Бугарија го задржува правото, од причини поврзани со националната безбедност, да ја запре поддршката во процесот на проширување, вклучително и во однос на имплементацијата на Договорот и прогресот направен во работата на Експертската комисија за историски и образовни прашања“, го завршува бугарската Влада текстот за Македонија.

Што се однесува до Албанија, текстот содржи само три параграфи и почнува со тоа дека започнувањето преговори само со Македонија може да има негативни последици не само за другата земја, туку и за целиот регион. Во овој дел Бугарија бара почитување на правата на „бугарското малцинство во Албанија“.

„Очекуваме усвојување на подзаконски акти за спроведување на законот за малцинства и очекуваме максимално да бидат загарантирани правата на бугарското национално малцинство, вклучително и изучување, без поставување административни бариери, на литературниот бугарски како мајчин јазик во регионите традиционално населени од нив, како Голо Бурдо , Форест, Преспа, Корча, Кукс, Елбасан, но секаде и на друго место во Албанија каде живеат. Очекуваме, исто така, пописот на населението да се спроведе според највисоките европски стандарди и да се одрази на вистинската етничка припадност“, стои во текстот усогласен на денешната владина седница во Бугарија.

Извор: fokus.mk

loading...
You Might Like
SHARE