Мила Царовска: Воведовме бенефициран стаж за рударите

рударите, мила царовска, бенефициран стаж за рударите
Прочитај за: < 1 минута
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска денеска беше во работна посета на Пробиштип, каде што се сретна со градоначалникот Драган Анастасов, со рударите, вработените во градинката и во Центарот за социјални работи.

На средбата со рударите, информираат од МТСП, министерката Царовска истакна дека Владата на Република Северна Македонија во програмата за работа 2017/2020 година се обврза дека ќе воведе бенефициран стаж за рударите.

-Со најновите законски измени коишто се на сила исправаме една голема неправда за рударите кои работат под земја, со тоа што од почетокот на годината тие може да остварат право на старосна пензија со навршување на 40 години пензиски стаж за мажи, односно 35 години пензиски стаж за жени. Со овие измени во првите три месеци од годината право на пензија остварија околу 40 рудари, рече Царовска.

При посетата на градинката во Пробиштип, министерката Царовска рече дека МТСП за 2019 година има зголемување за 300 отсто на буџетот планиран за изградба и проширување на објектите за детска заштита низ цела држава. Со проширувањето на постојниот објект на градинката во Пробиштип што е во завршна фаза се решава долгогодишен проблем за згрижување на децата и се добива повеќе простор за околу 40 деца.

Министерката со вработените во Центарот за социјални работи разговараше за имплементацијата на социјалната реформа што е во собраниска процедура.

Вработените посочија дека навреме ги завршиле сите подготовки и системот е спремен за да се стартува со исплата на зголемените социјални трансфери веднаш по изгласувањето на законите во Собранието.

- Следи Македонски Весник за повеќе содржини -

SHARE