Анкета: Дури 49% од граѓаните во земјава не сакаат да се вакцинираат против Ковид-19

Прочитај за: 2 минути

Граѓаните на земјава се поделени околу прашањата дали би се вакцинирале против Ковид-19 и дали сметаат дека заканата од коронавирусот е претерана, покажуваат резултатите од истражувањето на „Брима Галуп“ спореведено со телефонска анкета со репрезентативен примерок од 500 испитаници.

На прашањето „ако има нова вакцина за коронавирусот (Ковид-19) и стане јавно достапна и се смета за безбедна и ефикасна, јас би ја примил/а“, 49 отсто од испитаниците во земјава одговориле негативно, односно 23 проценти „не се согласуваат“, а 26 отсто „воопшто не се согласуваат“ со оваа изјава, додека 40 проценти дале потврден одговор, односно 16 отсто „целосно се согласуваат“, а 24 проценти „се согласуваат“. Само 12 отсто од испитаниците немаат конкретен став за ова прашање.

Истата поделеност постои и околу прашањето „дали сметате дека заканата од Коронавирусот е претерана?“. Така, 49 отсто од испитаниците во земјава сметаат дека „заканата е претерана“, ист процент сметаат дека „заканата не е претерана“, а 2 отсто одговориле „не знам“.

Македонските граѓани опфатени со анектата биле прашани и за нивно мислење „што би сторило мнозинството од населението во нашата земја, ако новата вакцина за коронавирусот стане јавно достапна и се смета за безбедна и ефикасна?, при што 28 отсто одговориле дека „мнозинството граѓани ќе се согласат да ја примат вакцината“, 32 проценти дека „нема да се согласат“ и 36 отсто дека „граѓаните ќе бидат неодлучни“.

Во однос на личната подготвеност на испитаниците за вакцинирање воопшто и влијанието на пандемијата на коронавирус врз нивната подготвеност да се вакцинираат, 39 отсто одговориле дека глобалната пандемија „ја зголемила нивната подготвеност да се вакцинираат“, односно кај 13 проценти „многу ја зголемила“, а кај 26 отсто „донекаде ја зголемила подготвеноста“, додека од друга страна, 26 проценти се изјасниле дека „пандемијата ја намалила нивната подготвеност да се вакцинираат“, односно за 13 отсто „донекаде ја намалила нивната подготвеност“, а за други 13 проценти „многу ја намалила“. Дури кај 34 отсто од испитаниците влијанието на пандемијата не го променила нивото гледиште за вакцините.

Во однос на прашањето „дали би рекле дека глобалната пандемија на коронавируотс (КОВИД-19) ја зголеми подготвеноста на граѓаните да се вакцинираат, ја намали или остана непроменета?“, 43 проценти од испитаниците сметаат дека пандемијата влијаела за зголемување на нивната подготвеност да примат вакцина, кај 29 отсто ја намалила подготвеноста, а за 20 проценти од граѓаните во земјава пандемијата не влијаела да го сменат својот став за примање вакцина

Дури 76 проценти од анкетираните би ги жртвувале своите човечки права доколку тоа помогне да се спречи ширењето на вирусот. Од испитаниците 35 отсто „целсоно се согласуваат“, а 41 процент „се согласуваат“ со изјавата „би ги жртвувал своите човечки права доколку тоа помогне да се спречи ширењето на вирусот“. Од друга страна, 21 процент не се согласуваат со оваа изјава, односно 18 отсто „не се согласуваат“, а само три проценти „воопшто не се согласуваат“. Три отсто од испитаниците биле без одговор на ова прашање.

Повеќе >> Фокус

- Следи Македонски Весник за повеќе содржини -

SHARE