Скандалозна одлука на Собранието: Изгласана амнестија за Стевче Јакимовски

Прочитај за: 2 минути

Членот 41 од Законот, додаден на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, предвидува да запрат сите кривични и граѓански постапки што се во тек, а се поврзани со изградба на бесправни објекти (од значење за Републиката и локално значење). Токму за таков случај во тек е судски процес против поранешниот градоначалник на Карпош.

Донесувањето на Законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти беше договорено на неодамнешната лидерска средба меѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски.

Нови дивоградби и неуривање на постојните, но и амнестија од одговорност на оние што граделе незаконски, а кои веќе кривично се гонат – ова го носи новиот Закон за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти што вчера го изгласа Собранието со 72 гласа „за“ , тројца „воздржани“ и петмина „против“. Членот 41 од Законот, додаден на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, предвидува да се стопираат сите граѓански и кривични постапки што се во тек и произлегуваат од постапки за отстранување објекти и постапки во врска со изградба на бесправни објекти од значење за Републиката и од локално значење.

Член 41 од Законот за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти усвоен вчера

Предлагачи на амандманот усвоен на седницата на собраниската Комисија за транспорт и врски, одржана на 7 мај 2021 година, биле: Ане Лашкоска, Бране Петрушевски, Бојан Стојаноски, Мирче Аџиоски, Олга Лозановска (сите од ВМРО-ДПМНЕ) и Љупчо Пренџов од ГРОМ, партија чиј претседател е поранешниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски. Дополнетиот закон вчера ја доби поддршката и на пратениците од СДСМ.

Токму Јакимовски е еден од оние што ќе имаат директна полза од членот 41 од новоусвоениот закон, бидејќи за него се води судска постапка токму за бесправно изградени објекти со намена опишана во законскиот текст. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври 2019 година поднесе обвинение против 11 лица, меѓу кои првообвинет е Јакимовски за злоупотреба на службената положба и бесправно градење.

Според обвинителниот акт, обвинети се: градоначалникот, осум административни службеници од Општина Карпош и две одговорни лица во правно лице – изведувач и надзор. Според дејствијата опишани во актот, првообвинетиот сторил повеќе кривични дела, злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст. 5 во врска со ст. 3 и едно кривично дело бесправно градење од чл. 244-а ст. 1 од Кривичниот законик, едно лице сторило кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.3 од Кривичниот законик, на седуммина им се става на товар кривично дело несовесно работење во служба од чл. 353-в ст. 5 и две лица, со опишаните дејствија во обвинението, сториле кривично дело бесправно градење од чл. 244-а ст. 1 од Кривичниот законик

Во меѓувреме, петмина од обвинетите признаа вина и се спогодија со обвинителството.

Повеќе >> 360stepeni.mk

SHARE