Адвокат ќе бара 7 милиони евра оштета од полицијата: Ми удрија шлаканица, ми ја пцуеа сестрата

Спасе Скорниев
Прочитај за: 2 минути

Адвокатот Спасе Скорниев од Велес ќе ја тужи велешката полиција, зашто како што тврди, полициски службеник му удрил шлаканица, а друг му ја пцуел сестрата што работи во влада, додека приведен седел на столче во станица.

Според Скорниев, тој бил приведен зашто додека возел со својот кабриолет на еднонасочна улица пред велешкиот суд, повозрасен човек неколку пати се обидел да ја премине улицата, а на крајот легнал на земја, преправајќи се дека е повреден и дека бил удрен од возилото на Скорниев.

-Човекот срипа кај што нема пешачки, а потоа легна на улица и почна да вика, ,,о леле ме потепаа, ме удри со фарот”. Јас погледнав наоколу, гледам нема друг автомобил, си велам, овој за мене мора да зборува и запрев. Му велам, човек, не сум те удрил не сум те допрел. Стаса полиција, и јас и човекот бевме на различни страни од улицата. Му викнав на висок тон ,,немој да лажеш, не си ни гребнат” и ,,како не ти е срам да не малтретираш сите овде на 50 степени”. Ме приведоа во станица, ме задржаа шест часа. Додека седев на столчето, со крвнички поглед, еден полицаец се залета накај мене, ми удри така силна шлаканица што исплукав два заба. Не му возвратив. Јас на мравка не сум згазил, комарците не ги тепам дома, а не пак човек, вели Скорниев за ,,Слободен печат”.

Според Скорниев, шестчасовното приведување било многу непријатно.

-Се изнаслушав еден куп гнасни работи. Ми ја пцуеа сестра ми што работи во влада, ме провоцираа, ме прашаа што ми вредело тоа што знам повеќе јазици, штом сум завршил во станица. Што сум се правел фраер со кабриолетот исто така ме прашаа, а тој е 2.000 евра. Извадив и лекарско за главата, за раката и за забите. Кој ме тепал ќе го тужам и ќе барам 7 милиони евра оштета. Јас сум комплетно психички уништен а и кариерата уште непочната ми е завршена. Кој ќе оди да го брани адвокат за кого цел град зборува дека завршил во станица тепан?, додава Скорниев.

Настанот се одвивал пред основниот суд Велес, каде имало камери. „Слободен печат“ испрати прашања за настанот до ОВР Велес од каде ветија детали за тоа како е заведен настанот кај нив, за подоцна.

Извор: Слободен Печат

SHARE