Кој за 90 дена прави 9 милиони евра профит?

Прочитај за: < 1 минута

За првите 90 дена годинава „Стопанска банка Скопје“ направи профит од 8,9 милиони евра што во превод за акционерите значи добивка од половина евро за секоја обична акција, покажаа официјалните податоци од кварталниот извештај што банката го објави деновиве.

Ако се споредува со лани, мора да се каже дека банката има помали приходи и понизок профит. Но за да се добие објективна слика зошто профитот е за 50 отсто понизок од лани мора да се знае дека врз ланскиот профит огромно влијание имаше ослободувањето за резервацијата и приходите од наплата на побарувањата од „Фени индустри“ откако компанијата беше рестартирана, а новата раководна структура ги исплати побарувањата на банките.

За првиот квартал нето приходите од камати се 14,68 милиони евра и се за 930.000 евра пониски од истиот период лани. Ова е делумно компензирано со нето приходите од провизии и надоместоци зашто тие се за 280.000 евра повисоки од лани и изнесуваат 4,27 милиони евра.

Резервациите се 2,94 милиони евра, трошокот за вработени е 3,38 милиони евра, а останатите трошоци изнесуваат 4,18 милиони евра. За првиот квартал годинава кредитното портфолио е на ниво од 1,045 милијарди евра и е за 9,7 милиони евра поголемо од крајот на 2018 година. Депозитите пораснале за 15 милиони евра и изнесуваат 1,25 милијарди евра.

извор: фактор.мк