Ексдиректорот на БЈБ, Митко Чавков, кој на критичниот 27 април ја имаше златната команда, е осуден на 18 години затвор. Тој се товари дека не делувал навремено, односно доцна дал наредба за делување на полицијата.
Митко Чавков, директорот на Бирото за јавна безбедност и раководителот на Оперативниот штаб на МВР, за време на организираниот напад на Собранието на 27 април додека траеле насилствата бил на само стотина метри од Собранието. Поранешниот директор на БЈБ и шеф на оперативниот штаб на МВР, Митко Чавков, изјави дека тој лично раководел со операцијата за извлекување на пратениците и враќање на контрола во Собранието. Тој го оспори обвинителниот акт против него тврдејќи дека телефонски комуницирал со потчинетите кои ја координирале интервенцијата и дека на негово барање во Собранието биле испратени два вода од Единицата за брзо распоредување а потоа и вод на единицата ПЕП и тим од специјалната единица „Тигар“. Чавков го посочи обвинетиот Пешов како лице со кое бил во контакт и не даде објаснување зошто не одговарал на повиците на тогашниот министер Нухиу. Во своето излагање тој нагласи дека ја издал наредбата за употреба на физичка сила и шок бомби и изрази како што кажа жалење за неуспешноста на одговорот во моментот на влез на толпата во Собранието и „пасивноста и збунетоста на терен“.