Професорката и кандидатка за претседател на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова во интервју за весникот ВЕЧЕР, вели дека нејзините противкандидати немаат проблем со новото име, но таа има.
За мене е најважно дека покрај поддршката на ВМРО-ДПМНЕ ја имам сета слобода да ја моделирам кампањата, да имам сопствена изборна програма и да испраќам пораки до електоратот согласно со моето лично и професионално кредо, а тоа е право и правда за Македонија. Убедена сум, вели во интервјуто кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, дека многу скоро јавноста ќе се убеди дека сум личност, а не нечија марионета. Ајде да почнеме со поправање на штетите на оваа власт, па за неколку години да дојдеме во ситуација која сега можеби се чини невозможна – порачува Силјановска Давкова.
На прашањето дали е партиски или натпартиски кандидат таа вели дека ја цени поддршката на ВМРО- ДПМНЕ, но важно е да има слобода при изборната кампања.
Да ве потсетам дека ВМРО-ДПМНЕ организираше отворен и фер натпревар во рамки на партијата и дека мене не ме “кооптираа” или “избра” картел на партиски врхушки. Тоа што партијата се покажа отворена кон личност, која доаѓа надвор од нејзините редови и притоа е жена, зборува за значителен прогрес. Второ што сакам да нагласам е дека освен одлуката на Конвенцијата, јас на своја страна ги имам и потписите на граѓаните, поддршката на поголем број помали партии (од кои неколку ги претставуваат и другите етнички заедници), но и поддршка на колеги, интелектуалци, уметници, итн. Сепак, за мене е најважно дека покрај поддршката на ВМРО-ДПМНЕ ја имам сета слобода да ја моделирам кампањата, да имам сопствена изборна програма и да испраќам пораки до електоратот согласно со моето лично и професионално кредо, а тоа е право и правда за Македонија. Убедена сум дека многу скоро јавноста ќе се убеди дека сум личност, а не нечија марионета – вели Силјановска Давкова.
Силјановска нагласува дека за неа е најважно дека Македонија преживува и минува премрежија и вели дека сега е време да ја ставиме на нозе и да тргнат нештата по патот по кој одат демократиите и социјалните држави во кои во центарот на политиката е човекот, а не елитите.