Митко Чавков е сместен во хашка соба во истражниот затвор во Шутка. Од вчера поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност е во притвор поради сомнежи дека подготвувал бегство во Грција. Обвинителството за организиран криминал побарало изолација на Чавков откако добиле оперативни сознанија дека планира да пребега и да се сокрие во куќа кој ја поседувал на Халкидики. Од обвинителството посочија дека нема причина зошто да се сомневаат во службената белешка на МВР.
В петок судијката Добрила Кацарска треба да ја соопшти пресудата за обвинетите за 27 април, меѓу кои е и Митко Чавков. Обвинет е за терористичко загрозување на уставниот поредок и како носител на златна команда во оперативниот штаб за случувањата на 27 април пред две години. Обвинетиот Александар Василевски – Нинџа во своето сведочење посочи дека Чавков крвавата вечер бил во седиштето на ВМРО – ДПМНЕ каде постоел паралелен штаб од каде се координирал упадот во Собранието.