Порталот А1он објави видео од маркет на КАМ каде продавачките одбиваат да им продадат зејтин на купувачите доколку не направиле сметка од најмалку 800 денари во кој случај ќе добијат зејтин бесплатно.
Ова е најнов удар за потрошувачите, кои со недели се соочуваат со повремени недостатоци на одредени видови храна и гориво.
„Зејтин нема. Има само за над сметка од 800 денари, следува гратис зејтин“, вели вработената, па на прашањето, дали може да се купи зејтин вели: „Не“. Се консултираше и со колешка, која го потврди истото: „Зејтин да си купат не можат така?“, на што доби одговор: „Не“. На прашањето дали никаде не може да се купи, таа додаде: „Не“, јавува А1он.
Од „А1он“ се обратиле и до раководството на „КАМ“ маркетите преку мејл адресата оставена за контакт, но не добиле одговор.
Акцијата дека гратис масло за јадење ќе се доделува за секој купувач кој ќе направи сметка над 800 денари, вчера осамна и на нивната страница на
„Фејсбук“. Таму пишува дека акцијата трае се додека има залихи. Сепак, никаде не се напоменува дека повеќе не може да се купува масло за јадење, кое од сталажите беше повлечено.
Од Пазарната инспекција, за порталот најавиле дека ќе проверат што се случува во маркетите и ќе постапат согласно законските надлежности. Пазарните инспектори за два дена кај 33 трговски субјекти утврдиле
непочитување на владината мерка за намалување на трговската маржа или не
поседувале дневна евиденција за дел од производите. Сите заработиле парични казни од 60 до 7.000 евра во зависност од големината на фирмата. Откако мерките стапија во сила, направени биле 160 контроли.