„Со закон да се забранат ТВ дуелите“, „Барем да пишевте дека содржината е за +18“, „Две свекрви се караат“, „Како во турска серија“, „Вратете ги Бранко и Љубчо“.
Вакви беа реакциите на голем дел од граѓаните додека на Канал 5 течеше телевизиското соочување на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, објави Плусинфо.
На вчерашната дебата, како потполно безгласни да беа молбите на домаќинот, кој бараше гостите да ги смират страстите и да не зборуваат во исто време, како и да го почитуваат зборот и мислата на соговорникот. Таму, во студиото на Канал 5, како да беа седнати единствено Зоран Заев и Христијан Мицкоски, а за тоа најдобро говори фактот дека во најголемиот дел од емисијата зборот на водителот како воопшто да немаше значење. Доминираа критиките, упаѓањата во збор, лебдеа суети во воздухот.
Според политичките аналитичари со коишто разговараше Плусинфо, токму вчерашниот дуел уште еднаш потврди дека апсолутно ништо не се сменило во изминатите три децении. Како што објаснуваат нашите соговорници, жално е тоа што граѓаните и по 30 години сè уште носталгично копнеат по телевизиските соочувања на поранешните премиери Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски, на кои исто така не се избирале зборови, но дебатите сепак течеле на повисоко ниво.
Аналитичарите сметаат дека и двајцата партиски лидера се свесни за своите пропусти и за ниското, па дури и срамно ниво на комуникација пред очите и ушите на граѓаните, но принудени се тоа да го прават поради големиот страв што го чувствуваат од противникот и од исходот на изборите. Сега, за разлика од времето на Љубчо Георгиевски и Бранко Црвенковски, појаснуваат експертите, постојано и од двете страни слушаме за тоа кој, за што и колку време ќе лежи во затвор. Аналитичарите велат дека разликата е во тоа што сегашните политичари сакаат да им наметнат на граѓаните дека живееме во демократско и во европско општество, а од друга страна, истите тие граѓани секојдневно сведочат за нови афери и скандали на власта.
Целиот текст ТУКА