„Бехтел и Енка” ќе ја исцица потта на македонскиот работник – ние сме колонија на американскиот империјализам – рече претседателот на Левица, Димитар Апасиев на денешната собраниска седница за предлог-Законот за измени на Законот за работните односи. Тој наведе дека тројца функционери вршат директни кривични дела со поптпишувањето на договорот за коридорите.
На денешната собраниска седница, каде се дискутираше за предлог-измените на Законот за работни односи, лидерот на Левица се појави со маица со натпис „Ќе висите заедно.” Во своето собраниско обраќање, Апасиев порача дека со овие законски измени предлагачите се обидуваат „да воведат нормално ропство под европско знаменце, со афрички стандарди”.
Според Апасиев, сега имаме ситуација во која законот ги поробува работниците, наместо да ги ослободува, за што, како што предупреди претседателот на Левица, следува кривична одговорност. Во продолжение обраќањето на лидерот на Левица од денешната собраниска седница.
– Сакате да воведете корпоративна репресија во Републикава, односно да нѐ вратете два века назад во доменот на трудовото право. Првиот сегмент е злоупотребата на европското знаменце, односно нема потпис од министри. Вие министерке Тренчевска, иако не сте правник, добро Ве поучиле да не ставите потпис на оваа лажна изјава и да го насанкате заменик-министерот да заглави како „Миле ми текна” по судови. Ова е типична лажна изјава – рече Апасиев.