Инфлацијата во Македониј продолжува да расте и во јануари изнесувала 6,7 проценти. Инфлацијата во Еврозоната пак во јануари таму изнесувала 5,1 отсто, што е значително пониско од македонската инфлација.
Стравувањата се дека одмрзнувањето на цените на повеќе производи кои се поврзуваат со основната прехранбена кошничка на едно семејство, ќе предизвика нов инфлаторен удар. На сето тоа треба да се додаде и цената на горивата, која кај бензинот надмина 80 денари по литар, додека кај нафтата доближува до 80 денари, што не било случај никогаш. Последниот шок врз инфлацијата во јануари е и растот на цената на електричната енергија на сметките за домаќинствата од 9,4% и растот на цената на топлинската енергија за 14%, повторно како последица на енергетската криза.
Според државната статистика, цените на маслата и мастите уште во 2020 година растеа за 11%, продолжија и во 2021 година за 23,7%, и дополнително се зголемија во јануари за 1,2% (и покрај замрзнувањето). Цените на храната, лебот и житата во 2020 година се зголемија за 3,2%, во 2021 година за 2,6%, а во јануари и покрај замрзнатите цени, дополнително се зголемија за 1,2%.
Генерално, од почетокот на пандемијата со ковид-19 (од март 2020 година до јануари 2022 година), кумулативниот раст на цените во домашната економија изнесува 8,6%, при значаен раст на цените на храната за 11% , висок раст на цените на услугите за домување од 11,6%, на цените на транспортот од 11,8% и на цените на услугите во рестораните и хотелите од 12%.
Податоците на Статистика од почетокот на кризата со пандемијата до најновите податоци во јануари 2022 година покажуваат дека населението осиромашува и дека ја носочува потрошувачката кон најпотребните прехранбени производи и кон некои услуги, како и за заштита на сопственото здравје.