Јанкуловски: Предолго сме заробеници на ова лудило – мора да се спротивставиме

Прочитај за: 2 минути

„Предолго сме заробеници на ова лудило, што ни го приреди власта. Нѐ втурнаа во политички хаос, со кој претседава нивниот врховен шарлатан. Низ секоја нивна ‘победа’ Македонија губи. Затоа мора да се спротивставиме на политичките илузии на власта. Македонските граѓани не се веќе глупави и заспани да потпаднат под илузиите на нивната политика.“ – вели универзитетскиот професор Звонимир Јанкуловски во својата колумна со наслов „Политика на илузиите“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Покрај другото, Јанкуловски пишува: „Наместо да ги решава проблемите, Владата најчесто ги влошува, создавајќи сосема нови проблеми. На крајот на денот, оди прикаската: ‘Постигнуваме значителен напредок кон стратегиските цели на државата и квалитетот на животот. Сме постигнале и членство во НАТО. Сме ги осигуриле границите на државата (никако да дознаеме на која држава) со признаен територијален интегритет. Сме зачекориле одлучно како никогаш досега кон полноправно членство во Европската Унија со признаен македонски јазик и идентитет’. Ова се празни зборови без никакво значење, изречени од премиерот, кој ни е наметнат.“

„Македонската политика во моментов е обликувана, со цел да ги оттргне Македонците од продажба на државата, историјата, јазикот, културата, кои се во замав. Оваа власт е голема измама и корупција. Оваа власт го исцицува животот на оваа нација преку своите корумпирани политички практики. Држава со ваква власт пропаѓа, но и се урива внатрешно. Во Македонија предолго живееме со политичките илузии на власта, кои немаат никаква врска со реалноста.“

„Илузија е дека живееме во унитарна држава. Илузија е дека во Македонија функционира некаков си, инаку, промашен имагинарен концепт на едно општество за сите. Илузија е дека НАТО ќе нѐ брани, а ЕУ ќе нѐ храни. Илузија е дека Македонија е почитувана држава во меѓународниот систем со многу пријатели. Илузија е дека сме држава со функционална демократија. Илузија е дека со Охридскиот договор ги решивме меѓуетничките односи. Илузија е дека со Преспанскиот и Бугарскиот договор ги затворивме прашањата, што нѐ разделуваа со Грција и Бугарија.“

„Илузија е и дека историјата, културата и нацијата се забетонирани во меѓународната заедница. Но најголема од сите илузии што власта и Европската Унија ни ги понудија во моментов е дека сме ги почнале пристапните преговори за Унијата. Илузија е и дека ќе се прекинат пристапните преговори со Унијата, кои воопшто не се започнати, ако не го промениме Уставот. Исто така, и европскиот сон брзо станува македонска илузија со оваа власт.“

„Сепак, не е сѐ илузија во Македонија. Не е илузија дека Македонија е неуспешен експеримент. Дека власта е неспособна и корумпирана. Не е илузија дека тонеме како држава. Не е илузија дека од година на година живееме сѐ посиромашно. Не е илузија дека имаме неспособна власт. c.Македонија не е илузија – тоа е катастрофа.“