Шефот на македонската историска делегација им прави голема отстапка на Бугарите

Прочитај за: 2 минути

Во разговор за Радио Слободна Европа, историчарот Драги Ѓоргиев, кој ја предводи македонската страна во заедничката историска комисија со Бугарија, ја шокираше јавноста со тврдењето дека Бугарија „не била фашистичка земја“ за време на Втората Светска Војна.

Може да се користат термините окупација, инвазија, па дури и анексија, меѓутоа не и терминот бугарска фашистичка окупација, зашто Бугарија не била фашистичка земја, профашистичка да, меѓутоа фашистичка не, изјави Ѓоргиев.

Изјавата доаѓа во време кога Македонија е под силен притисок на Бугарија да го прифати бугарското толкување на историјата како цена која мора да се плати за да се крене бугарското вето. „Дали овој нов пристап којшто го најавија Ковачевски и бугарскиот премиер Кирил Петков за побрзо решавање на спорот со некакви временски рамки од шест месеци всушност ви прави некаков притисок во Комисијата за да испорачате резултати?“, прашуваат од Радио Слободна Европа.

Според мене, Бугарија не може да ја дефинираме како класична фашистичка земја, како што може да се каже за тогашна фашистичка Италија или нацистичка Германија. Ние може да ја третираме Бугарија како пронацистичка, профашистичка земја, меѓутоа Бугарија не е фашистичка земја во тоа време. Според мене, оној термин кој овде може да се користи, за кој треба да се дебатира, повторно ние не може тоа со наша одлука да го наметнеме се разбира, е да се користат термините окупација, инвазија, па дури и анексија, затоа што овие простори би биле анектирани кон Бугарија доколку победеле силите на оската, меѓутоа не и терминот бугарска фашистичка окупација. Профашистичка да, меѓутоа фашистичка не. Бугарија не е фашистичка земја, според мене, но и според видувањата на голем број научници на запад, нема фашистичко уредување во Бугарија. Постои еден авторитарен режим на Цар Борис таму, кој го суспендира работењето на бугарското собрание, меѓутоа Бугарија нема фашистичко уредување. Постојат внатре, условно кажано, фашистички движења, кои имаат фашистички идеи во себе, меѓутоа тие не се во рамките на самата бугарска држава, во структурата на владините тела. Така што од тој аспект најсоодветно би било користењето на бугарска окупација, бугарска инвазија, вели Ѓоргиев во изјавата која предизвика бура од реакции во јавноста.

Професорот вели и дека двете страни имаат судир околу бугарското барање историјата да се толкува како „заедничка“, бидејќи со тоа се наметнува ставот дека Македонците до 1945 година биле Бугари.

Тие подразбираат дека станува збор за историја на еден народ, односно на бугарскиот народ која започнала кон средината на деветтиот век кога првото бугарско средновековно царство ја освојува територијата на Македонија. Според нив, тогаш се случува трајна етничка хомогенизација меѓу прабугарското население кое е дојдено од исток и словенското население кое живее на овие простори, се создава бугарскиот народ и оттогаш до 1944 година, тоа е историја само на еден народ, односно на бугарскиот народ… Значи македонскиот народ, според ставовите на најголем дел од бугарската историографија, е создаден со, како што велат, инженеринг на Комунистичката партија на Македонија и на Југославија, на Коминтерната и на Тито. Ние веднаш апсолутно го одбивме таквото дефинирање на синтагмата заедничка историја и дури инсистиравме со колегите да посветиме посебно внимание на тој термин, да го дефинираме што значи заедничка историја, меѓутоа од бугарските колеги тоа беше одбиено и сега синтагмата заедничка историја останува како една од пречките во нашето дефинирање на некои препораки, и во учебниците и за заедничко чествување, вели Ѓоргиев.