Хајредини: Мицкоски да објасни зошто не изгради барем една централа додека беше директор на Електростопанство?

Прочитај за: < 1 минута

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, кој долги години работел и во енергетскиот сектор, на својот фејсбук профил го повика претседателот на ВМРО-ДПНЕ да објасни зошто додека тој бил директор на ЕСМ не е изградена ниту една хидроцентрала.

„Од една страна, никому не му е јасно што е толку страшно Ковачевски, или Битиќи, да се сретнат со Мицкоски и да му го кажат истотo тоа што го кажуваат секој ден? Од друга страна, и Мицкоски треба да објасни зошто барем една од електричните централи, предвидени во програмата на ВМРО „Преродба во 100 чекори”, дури и “проширена и надградена”, не е изградена во време кога тој беше и директор на Електростопанство на Македонија. Дури ниеден камен темелник не се положи“, напиша Хајредини.

Премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вчерашната средба договорија ВМРО-ДПМНЕ да ги достави своите контакти за набавка на поевтини енергенси до министерот за економија Крешник Бектеши, кој треба да ги исконтактира.

ВМРО-ДПМНЕ предлага и работа на ТЕЦ Неготино, за што е потребно обезбедување на енергенс. Така, изјави Мицкоски, ќе имаме поевтина струја од берзанската која може да се продава на стопанството. Тој укажа и на заначењето на приватната компанија ТЕ-То за производство на топлинска и електрична енергија.

По средбата, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски во радио-гостување изјави дека „Мицкоски даде план за заштеда на 300 милиони евра за надминување на енергетската криза, сега се е во рацете на власта и Ковачевски“.