Три години затвор за Фарук Баки за издавање пасоши на криминалци – следуваат уште казни!

Прочитај за: < 1 минута

Во Основниот кривичен суд денеска беа изречени уште три пресуди во предметот „Двојник“ за издавање пасоши на меѓународни криминалци, објави државната агенција МИА. За злоупотреба на службената положба и овластувања, на три години затвор неправосилно е осуден обвинетиот Фарук Баки, додека обвинетите Весна Колевска и Бранислава Шпишиќ се неправосилно осудени на една година затвор условно, која нема да ја отслужат ако не го повторат кривичното дело во наредните три години.

Уште на почетокот на судењето за издавањето лажни пасоши на странски државјани, петмина од обвинетите признаа вина. Станува збор за Денис Баруфи, Ален Личина, Ѓорѓе Велков, Фарук Биља, сите вработени во Одделението за управни работи во МВР, како и посредникот Раиф Мифтари. Баруфи е првостепено осуден на 2 години и 7 месеци, Личина и Мифтари на 2 години и 3 месеци, Велков на 2 години и Биља доби шест месеци условно, објави Сакам Да Кажам.МК.

Според обвинението, во периодот од јуни 2017 до крајот на 2020 година, тие издале пасоши на 214 странски и еден македонски државјанин. Голем дел од лицата кои добиле македонски пасоши на овој начин биле криминалци барани со меѓународни потерници.

Обвинителката Спасенка Андонова на почетокто на судењето рече дека заедно со обезбедените докази со посебни истражни мерки, направен е и албум со фотографии и податоци за 215 патни исправи, каде се покажува чиј идентитет е искористен за кое лице.

SHARE