
Галопирачката инфлација и недостигот на храна различно се одразува во различни делови на светот. Кај нас, на пример, главен проблем е зејтинот, а понекогаш и брашното.
Но во САД се јавува нов, исклучително сериозен проблем – недостиг на храна за бебиња. Инфлацијата, Ковид мерките и нарушувањето во трговијата во Кина придонесе да се појави овој нов проблем. Воедно, во февруари, компанијата Абот мораше да повлече неколку од своите линии на продукти откако се појавија случаи на бебиња кои развиле бактериска инфекција. Ова дополнително ја влоши состојбата со снабдувањето. Три од четири бебиња во САД се храна со формула во целост или делумно.
Медиумите се полни со вести како мајки ја разводнуваат формулата што ја имаат со повеќе вода отколку што би требало да стават, за да им трае подолго. Други родители пишуваат на социјалните мрежи како со часови возат од еден до друг маркет во потрага по храна, а маркетите го ограничуваат количеството кое еден човек може да го купи. Се шират и гласини за прекупци кои трупаат резерви формула и потоа ја продаваат по повисока цена.