СТОЧАРИТЕ ОД ВЕЛЕШКО СЕ ЗАКАНИЈА ДЕКА ЌЕ ГИ ИЗНЕСАТ ОВЦИТЕ НА УЛИЦА ВО ЗНАК НА ПРОТЕСТ

Прочитај за: < 1 минута

Ќе ги изнесеме овците на улица, ако за два дена Министерството за земјоделие не ни помогне околу откупот и цената на јагнето. Вака се заканија денеска сточарите од велешко. Тие се жалат дека откупувачите ги уценуваат и не им го откупуваат јагнето пред први април. Тоа за нив е погубно, оти до тогаш јагнето ќе прерасне и дополнително ќе изгуби на цена. Сточарите се жалат дека истовремено, губат и на млекото, чија откупна цена паѓа..

Со ваквата политика, земјава ќе остане без домашно јагне, велат сточарите. Јанков алармира дека само во последната недела одгледувачите од општина чашка продале преку 600 овци. На таков чекор, се подготвуваат и други сточари.

Министерството за земјоделство ја следи состојбата и доколку има потреба соодветно ќе реагира, велат од таму. Потсетуваат на мерките за кои велат дека се развојни, како попис на добитокот, со цел правилна распределба на субвенциите, и вакцинацијата против бруцелоза. Сепак, нема одговор на барањата на сточарите, дали ќе интервенираат во цената.

– „Во моментов откупната цена на прва класа јагнешко е 135 денари за килограм жива мера. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е секогаш отворено за средба со земјоделците.“ – се вели во соопштението на Министерството за земјоделство.

Пред три недели министерот Љупчо Николовски се сретна со сточарите од велешко и ги слушна нивните барања. Според нив, епилог нема, па затоа денеска излегоа со 48 часовен ултиматум – или мерки, или протести со овците на улица.

- Следи Македонски Весник за повеќе содржини -

SHARE