
За време на вчерашната емисија на „Тешки муабети“ на Инфомакс, беше пренесено мислење на анонимен доктор дека голема причина за високата стапка на смртност од Ковид во Македонија е лошо изведената инсталација за спроведување на кислород. Александар Митовски од Инфомакс рече дека нема да го именува изворот на информацијата, но дека таа доаѓа од доктор кој е запознаен со состојбата.
Информацијата ни ја даде еден доктор, нема да го именуваме, околу квалитетот на кислородот и на инсталацијата преку која се спроведува кислородот до пациентите. Ни пренесе дека најголем проблем при лекувањето на заразените од Ковид во Инфективна Клиника на државна е токсичноста на кислородот што го вдишуваат. Контаминиран е, инсталацијата е контаминирана, вели Митевски.
Бактерија се создава во тој простор и се инхалира директно во белите дробови. За да те интубираат, мора да биде стерилна целата ситуација, додаде водителот Милош Милошевски за време на емисијата која е прва од новиот формат во кој учествува и водителот Јанко Илковски.
Македонија со години е меѓу најлошите во Европа, па дури и во светот, со резултатите во борба против Ковид. Особено е висока стапката на смртност, а ако се земе предвид дека таа се пресметува врз основа на веројатно надуена бројка на жители, се стравува дека бројот на починати врз милион жители во Македонија е рекорден во светот.