Силјановска Давкова: Абази да си поднесе оставка, ако не, Владата да го разреши од функција

Прочитај за: 2 минути

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања на министерот за правда Никола Тупанчевски му предложи Републичкиот јавен обвинител или сам да си поднесе оставка или Владата да го разреши од функцијата.

Како може да се реши проблемот со Јавното обивинителство? Моите два предлози се, прво, оставка од првиот односно сонцето во јавното обвинителство кое се затемни. Вториот, може да биде барање од предлагачот значи од Владата за разрешување на Јавниот обвинител. Имате ли вие трет предлог? Во програмата на СДСМ пишуваше дека предлагаат да се бира Јавен обвинител на предлог на опозицијата. Министре јас не барам од Вас да се мешате во правосудство, меѓутоа многу ме интересира како мислите дека треба да се разреши оваа јавно обвинителска правна трагедија”, го праша пратеничката министерот Тупанчески.

Во одговорот, Тупанчески рече дека кога постојат избори вклучувајќи ги и оние за избор на шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), тоа говори и за изборот на јавниот обвинител, но и за тие кои го избрале јавниот обвинител.

„Ќе бидам брутално искрен и ќе кажам дека не е неважно за министерот за правда што се случува во неговиот дом, практично во рамките ако се земе формата влегуваат и судството и обвинителството, нотарите извршителите…”, одговори Тупанчевски.

Тој посочи дека во поновата правна историја на Македонија имаше три модели за избор на обвинители и судии.

„Првиот модел ги избираше Собранието, вториот модел требаше да биде прогресивен или напреден, ги избираше Советот на јавни обвинители и Судскиот совет и она што е трето или најнов модел кој е предвиден со новиот Закон за јавно обвинителство, а тоа беше 2020 година кој беше консензуално усвоен од Собранието на нашата држава. Јас бев дел од подготовката на тој Закон, имаше и невладини организации и сметавме дека овие два претходни модели имаат одредена потреба за корекција или објективизирање на критериумите за избор на јавни обвинители и судии и во таа насока се движевме да инкорпорираме модел кој би бил транспарентен, објективен и во таа насока беше предвиден овој концепт, односно јавните обвинители да го бираат јавниот обвинител”, појасни Тупанчевски.

Тој рече дека дотука може да коментира, бидејќи сѐ понатаму ќе значи мешање во работата на институциите кои треба да бидат независни, објективни и огледало на државата.