
Потегот на претседателот Стево Пендаровски, кој ја придружуваше малата Ембла Адеми на училиште, стана светска вест откако за неа јавија Си-Ен-Ен, Дејли Мејл и низа други медиуми.
11 годишното девојче, кое има Даунов Синдром, беше бојкотирано во училиштето „Единство“ во Гостивар, каде соучениците одбија да посетуваат настава ако и таа доаѓа на училиште. Фотографиите од малото девојче како само седи во училница ја потресоа земјата, и училиштето набргу постигна договор Ембла да ротира меѓу неколку одделенија, и така да и биде обезбедена социјална интеракција.
Неколку дена подоцна, Пендаровски го посети Гостивар и лично го придружуваше девојчето на училиште.
Претседателот смета дека однесувањето на тие кои ги загрозуваат правата на децата е неприфатливо, особено кога се работи за деца со атипичен развој. Децата треба да ги имаат сите права кои ги заслужуваат и да се чувствуваат еднакви и добредојдени во училиштето, изјави кабинетот на Пендаровски за Дејли Мејл.