САД ќе не бранеле од „малигните влијанија на Русија и Кина“, МНР дополнува: Помошта е повеќе од добредојдена

Прочитај за: 2 минути

Американскиот Стејт департмент ја објави Интегрираната стратегија за развој на односите со Македонија со која САД ќе ни помагаат да се одбраниме од „малигните влијанија од Русија и Кина“.

„Интегрираната стратегија на Мисијата во Скопје за Северна Македонија ќе ги поддржи интересите на САД во Западен Балкан преку промовирање мултиетничка, стабилна и демократска земја со карактеристики неопходни за да стане посилен сојузник на САД и модел за пример во регионот“, стои во стратегијата.

Министерството за надворешни работи е запознаено со стратегијата која е објавена на 27 јули и е јавно достапен документ на Стејт департментот кој објавува вакви документи и за други држави. „Во овој документ се повторуваат ставовите на САД во поглед на односите со Република Северна Македонија, со проценка на состојбите во државата и потенцирање на реформските обврски во повеќе области кои нашата земја треба да ги спроведе. Впрочем, најголем дел од темите и областите кои се споменуваат во Стратегијата, беа разгледувани на првата сесија на Стратешкиот дијалог, одржан во Вашингтон, на 2 јуни 2022 година“, рекоа од МНР за „А1он“.

На прашањето на „А1он“ зошто е потребна стратегија на САД за намалување на кинеското и руското влијание во Македонија кога ние како земја сме стратешки определени кон ЕУ и имаме стратешко партнерство со САД од мај 2008 година, од МНР кусо рекоа: „Нашата држава има сопствена стратегија за борба против сајбер-напади и ширење лажни вести, а помошта на САД е повеќе од добредојдена“.

САД сакаат да не оспособат да се спротивставиме на „злонамерното руско политичко влијание, како и на растечкиот економски притисок од Народна Република Кина“. Според САД, Русија и Кина ги искористуваат слабостите во институциите во Македонија истовремено поткопувајќи ја довербата во институциите. САД сакаат да ни помогнат и во енергетскиот сектор за да станеме енергетски независни и да „не прибегнуваме кон алтернативни, недоверливи извори на енергија и инвестиции“.