Ракометарот сепак бил убиен, нејасно е зошто МВР даде погрешна информација

Прочитај за: < 1 минута

Откако Министерството за внатрешни работи првично тврдеше дека на телото на хрватскиот ракометар Денис Тот немало траги на насилство, денес обвинителството потврди дека тој сепак бил крвнички нападнат и претепан.

Денес во утринските часови на Институтот за судска медицина и геонтологија беше извршена обдукција врз починатото лице и според првичните наоди, иако нема видливи повреди, смртта е насилна и настапила како резултат на повреди на мозокот настанати од нанесените удари. Кривично правниот настан се случил на 7 овој месец, во раните утрински часови, пред ноќен клуб во Скопје кога осомничените по кратка вербална расправија, го нападнале сега починатиот хрватски државјанин и му задале повеќе удари со боксови и клоци.

Од ударите сега починатиот паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест. Тројцата осомничени продолжиле со дејствија на удирање по главата, а потоа, без да му укажат помош, заминале од местото на настанот. Лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што сега починатиот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“.

Според информациите од лекарите што го примиле сега починатиот, лицето имало престанок на работата на срцето, масивен оток на мозокот, пресечен јазик и висока телесна температура. По приемот бил ставен на апарати за дишење и бил во животно загрозувачка состојба, а наредниот ден и покрај обидите за реанимација починал.​

Останува нејасно зошто Министерството тврдеше дека Тот не бил повреден. Дури и Борис Тот, братот на убиеното момче, на социјалните мрежи го пренесе ова тврдење, за конечно да се утврди дека ракометарот на Бутел сепак бил претепан и убиен.