По трагата на швајцарските сметки на газдата на Зегин

Прочитај за: 2 минути

Истражувачката репортерска лабораторија ИРЛ објави истражување за подемот на фармацевтскиот гигант Зегин и неговиот сопственик Благој Механџиски, во контекст на неодамна објавените податоци од швајцарската банка Кредит Суис, каде Механџиски и Минчо Јорданов чувале десетици милиони евра. Ова е мал дел од огромниот светски скандал, во кој новинари од Швајцарија, САД, Британија, Германија и низа други држави истражуваат кои олигарси, бизнисмени и криминалци имале тајни сметки во банката Кредит Суис.

Според ИРЛ, се работи за последната голема приватизациска афера во Македонија, во рамките на која Владата на Владо Бучковски ја почнала, а Владата на Никола Груевски ја финализирала приватизацијата на „Градски Аптеки“. ИРЛ посочува како Зегин ја презема мрежата аптеки, при што вработените добиле само симболични пет проценти од акциите, а останти 20 проценти морале да ги откупуваат.

ИРЛ посочува дека отворањето на сметките во Кредит Суис на име на Механџиски се совпаѓа со почетокот на приватизацијата на Градски Аптеки. Истата 2006 година, Механџиски продал половина од брендот Зегин на групацијата Мајлстоун“ од Исланд, која помогнала да се дојде до денешната мрежа од 200 аптеки низ цела Македонија.
Во телефонски разговор со ИРЛ, Благој Механџиски потврдил дека сметките постојат, но вели дека сите се сметки на фондот „Мајлстоун“, а не негови лични.

Сите пари беа за инвестирање, јас динар не сум потрошил од тие пари, изјавил Механџиски за ИРЛ. Прашан зошто инвеститорите ја одбрале Швајцарија за да отворат сметки за инвестирање иако имале и овде фирми, тој рекол дека тие имале сметки низ цел свет. „Еве, вие сега за Германците ако работите, тие каде ќе ви префрлат пари!?“, одговорил Механџиски.