
По кусо боледување ноќеска почина кралот на ромската музика, Ферус Мустафов(72).
Веста за неговата смрт рано утрово ја дознале и членовите на неговото семејство, кое низ солзи за ММС ни раскажа дека сите се молеле за неговото здравје, што побргу да се разбуди од кома и да излезе од болница.
-Починал ноќеска, нам лошите вести утрово ни ги кажаа. Скршени сме од болка, сите се надевавме дека ќе оздрави и ќе ни се врати, но за жал ни замина. Пред некој ден ни рекоа дека малку е подобар и затоа се надевавме дека сепак се ќе биде во ред, низ солзи за ММС рече неговата сопруга Јелена.
Ни кажа и дека по негова желба погребот ќе биде во Штип, каде е роден и каде последните години живееше со семејството.
-Многу пати досега кажал дека кога ќе дојде судниот ден сака да биде погребан во Штип. Тоа е негова последна желба и ќе му ја исполниме. Не можам да верувам дека ни замина. Секогаш беше силен, мислевме дека и сега ќе го надмине здравствениот проблем, ама толку било, рече за ММС Јелена.
Ферус имаше мозочен удар на 26 април и од тогаш е во болницата „8 Септември“. Неговиот внук Ферчо тогаш за МС рече дека бил на почетокот бил добар, но потоа му се влошила состојбата и го ставиле во вештачка кома.