Петковски: На 78 години се прашувам каде погрешивме и како е можно некој да ми каже дека не постојам?

Прочитај за: 2 минути

Јас не само што не паметам туку не сум можел ни да замислам една ваква ситуација со Бугарија. И не сум рамнодушен. Роден сум во една друга друга држава во 1945 година, па сега на 78 години се прашувам каде погрешивме и како е можно некој да ми каже дека не постојам? А еве сум, тука сум, на ова место. Политичарите во голем дел им го загорчуваат животот на луѓето, вели Тито Петковски, поранешен претседател на Собранието, во емисијата „СТУДИО 10“ на ТВ24.

– Повеќе од сигурен сум дека ова е долгорочна државна политика. Тоа што сега се случува во Македонија, тоа што сме толку чувствителни за ликот на Гоце Делчев кој е човек кој ги надминува границите со своите сфаќања, е незамисливо. Мислам дека Бугарија и Македонија како држави сме 100 години зад визиите на Гоце Делчев – вели Петковски и додава дека е разбирлива чувствителноста кон негирањето, но зачудува и нашата фрагилност кон провокациите од луѓе кои се осудени и од Европскиот парламент за своето фашизоидно однесување.

За Петковски е зачудувачки тоа што еден европарламентарец доаѓа во Македонија, ја негира земјата па дури и повикува на атентат на претседателот, но од друга страна на таквите провокации според Петковски не треба да се одговара.

– Тоа е настан што ние го одбележуваме секоја година и нема потреба од тоа да се прави вонредна состојба. Нашата полиција ја контролира целата земја и навистина нема потреба да доаѓа бугарска полиција напомош – вели Петковски.

Тој додава дека тие луѓе кои сега создаваат немир до лани не доаѓаа пред гробот на Гоце Делчев.

– И ова сега мислам дека не е случајно туку е за нивна внатрешна бугарска политика. Бугарија е земја на ЕУ која има најмногу проблеми и е најсиромашна. Нивниот претседател е единствен кој има нескриена руска ориентација. Провокации прават само политичари кои немаат добри намери – констатира Петковски.