Онишченко: Целиот овој скандал е поттикнат затоа што мислат дека ќе влезам јас во Македонија и ќе им го земам бизнисот со гас

Прочитај за: 2 минути

Украинскиот олигарх Олександр Онишченко имал намера да купи банка во Македонија.

Тој за „Слободен печат“ вели дека бизнисот со гас не го интересира, но сега се двоуми дали воопшто да продолжи со отпочнатата постапка за регистрирање фирма, откако Владата одлучи да му го одземе државјанството кое го добил на 31 мај годинава.

– Целиот овој скандал е поттикнат затоа што мислат дека ќе влезам јас во Македонија и ќе им го земам бизнисот со гас. Кажете им дека само со спорт се занимавам. И со инвестициски бизнис. Не со гас. Гас не ме интересира повеќе. Може да се смират. Никој друг од моето семејство не доби македонско државјанство. Уште еднаш ќе нагласам, се е ова за спортот пред Олимписките игри. Јавачот Лука Заложник ме запозна со претседателот на коњичката федерација. Се сретнав со бизнисмен со бизнис за сокови. Еден коњ за Олимпијадата чини барем 1 милион евра. А јас го имам најдоброто место во светот за тренирање на такви коњи во Германија. Станува збор за 100 хектари спортски објект за коњите во Херцлаке кај што живеам и каде што ми е куќата, ни рече Онишченко и ни испрати видео материјали од објектот кој се наоѓа во Херцлаке– изјави Олександр Онишченко.

Според него, тренингот за Олимписките игри требало да биде таму, без воопшто коњите да ја поминат македонската граница, туку само репрезентативците би оделе во Германија, во специјализираниот објект на Онишченко, за да тренираат.

-Ама сега владата ни ги уништи плановите. А баш на ова место во Херцлаке, во Германија, го квалификував мојот украински тим три пати за Олимписките игри. Таков ми беше договорот и со македонската коњичка федерација. Дека ќе им го дадам просторот во Германија на располагање, припремите требаше да бидат таму. Е тоа е целата работа. Никаков енергетски бизнис не ме интересира. Имав некои планови да купам банка во Македонија, ама нема да купам, ако вака одат работите и понатаму. Јас сега се занимавам само со финансиски бизнис, не се занимавам веќе со енергетскиот, вели Онишченко за „Слободен печат“.