
Јас во потполност се согласувам со Маричиќ дека треба да останеме на европскиот пат, вели професорката Мирјана Најчевска, која во продолжение на нејзиниот фејсбук статус, објаснува што тоа значи за неа.
За мене тоа значи дека:
ќе го критикувам секој претставник на власта кој постапува спротивно на европските вредности, кој ги мами граѓаните, кој е корумпиран и го корумпира општетсвото, кој краде, кој ја злоупотребува функцијата, кој го урнисува системот на владеење на правото, кој ги затскрива противзаконските дејствија зад паролите на единство, кој донесува закони и одлуки кои се спротивни на интересите на граѓаните, којго нарушува достоинството на државата, кој води повеќе грижа за други држави отколку за сопствената.
Токму со цел да останеме на европскиот пат нема да си дозволам да ги прикривам или премолчувам незаконските дејствија на ниту еден функционер на централно или локално ниво.
Тоа е моја обврска и задача која им ја должам на граѓаните како професор, експерт и граѓански активист.
И во тој контекст повторувам:
актуелната владејачка структура не го направи исчекорот кој требаше да го направи во однос на режимот кој го симнаа од власт граѓаните.
Не ги исполни ни најминималните очекувања на граѓаните, не покажа ниту интелектуален ниту морален капацитет за да ги разбере а камо ли да ги воспостави во државата европските вредности.
За да може да ги поставиме темелите неопходни за влез во ЕУ сметам дека е потребно формирање на технократска власт која ќе создаде простор и услови за прочистување на сите институции од талогот на долгогодишната пракса на корупција, непотизам, непрофесионалност и партиско влијание.
Доколку има минимум здраво ткиво во партиите на власт и во опозиција и луѓе кои се навистина посветени на европскиот пат на државата, тие ќе се изборат за прекинување на затворениот круг на партократија во кој се заробени граѓаните.
За мене ова значи да застанам зад европската иднина.