Најчевска за резултатите од рамковниот: Правото, принципите, правилата и критериумите се заменија со партиски пазар

Прочитај за: 2 минути

Професорката Мирјана Најчевска смета дека Охридскиот рамковен договор треба конечно да се стави на полица, да се отстранат сите институциите за негово имплементирање и да се воведе систем на правила, процеси и критериуми кои ќе бидат во полза на сите граѓан:.

Во Македонија имаше дискриминација врз основа на етничка припадност. Долготрајна, неприкриена, со погубни последици. Етничките Албанци имаа пониско образование, полоша здравствена заштита, помалку услуги од страна на администрацијата, помала судска заштита и беа надвор од клучните процеси на одлучување.

Промената беше неопходна. Меѓутоа немаше ниту политичка свест ниту пак демократска зрелост за да може да се направи таа промена.

Вооружениот конфликт од 2001 година не беше потребен. Можеа проблемите да се решат и на друг начин. Меѓутоа беше неизбежен заради нискиот интелектуален капацитет на раководните структури и демократскиот дефицит во државните институции.

Охридскиот рамковен договор е мировен договор кој стави крај на вооружениот конфликт.

Како и секој мировен договор тој е внатрешно контрадикторен, недоделкан и наменски ориентиран. Во секој случај не е и не може да биде дел од правниот систем затоа што е донесен и склучен надвор од правниот систем и во себе содржи низа решенија кои немаат врска со правото.

Охридскиот рамковен договор требаше да создаде елементарни услови за промена која понатаму правно ќе се обликува и ќе обезбеди соодветен институционален и нормативен развој.

Во моментот кога беа направени уставните промени овој договор требаше да стане дел од историјата.

Се случи токму спротивното! Тој беше мумифициран и претворен во свет објект на клањање и ритуално почитување. Документот кој немаше правна основа стана највисок извор на правото. Поради религиозниот карактер кој му беше даден можеше да биде и е толкуван од посветените свештеници на начин кој ќе им обезбеди непречено заобиколување на правото и беспоговорно владеење.

Со ова, наместо да се пристапи кон развој на демократијата и владеењето на правото кои треба да обезбедат заштита од дискриминација и практикување на правата на припадниците на различни етнички заедници, се изгради систем базиран на етничка припадност во кој колективитетите ги заменуваат индивидуите.

Светоста која му се припиша ги отфрли како ерес сите алтернативни решенија, сите меѓународни алатки изградени со цел обезбедување на еднаквоста во едно граѓанско општество и го зацементира неправото како модус на работа на државата.

Резултатот беше/е, замена на правото, принципите, правилата и критериумите со партиски пазар.

Наместо подобро образование, здравство, услуги, учество во одлучувањето за припадниците на помалите етнички заедници, партиите од доминантната етничка заедница го прифатија отсуството на правото како правило и со воодушевување влегоа во политичкиот пазар кој доведе до симнување на нивото на образованието, здравството, услугите, учеството во процесите за одлучување на сите.

На тој начин беше постигната еднаквост, меѓутоа како еднаквост во незнаење, сиромаштија, еднаквост во изложеност на криминал и еднаквост во отсуство на вистинска правна заштита.

Крајно време е Охридскиот рамковен договор да биде ставен на полица, да бидат отстранети сите институции поврзани со негово спроведување, и да се воспостави систем на правила, процедури и критериуми кои ќе го издигнат функционирањето на државата на повисоко ниво во полза на сите граѓани независно од нивната етничка припадност.