
Јована Мојсоска од Левица реагираше на измените кои бугарските евро-пратеници успеаа да ги уфрлат во редовниот извештај за Македонија. Извештајот беше усвоен од Парламентот, и во него, за разлика од минатите години, се поставуваат сериозни услови за Македонија и од нас се бара да ја прифатиме бугарската верзија на историјата.
Европскиот парламент пред два дена ги усвои спорните амандмани кои се однесуваат на заедничката историја со Бугарија, со што ЕУ директно го поддржа шовинизмот на бугарските власти.
📍Амандманите констатираат дека Македонија не го спроведува негаторскиот Договор за добрососедство, додека нема никаква констатација за фашистичките изјави на официјална Софија.
❌Во 2021 година, Европскиот парламент НЕ го усвои амандманот за осуда на негаторскиот однос на Бугарија кон Македонија
🔻Толку за европските вредности, вели Мојсоска.
Европратениците ги одобрија спорните амандмани 75б, 79 и 80, за кои предупреди Институтот за европска политика (ЕПИ) дека претставуваат поткопување на основните стандарди вредности на ЕУ.
Амандманот 75б се однесува на историското помирување и „заедничка историја“, со што според ЕПИ, Европскиот парламент го одобрува притисокот што го врши Бугарија за да се толкува историјата на нивен начин.
Амандманот 79, кој исто така е усвоен, се оценува како притисок врз заедничката Комисија за историски и образовни прашања, која треба да работи независно и без никакви политички притисоци.
Конечно амандманот 80, се коси со проценката на Европската Комисија, бидејќи гласи оти нема напредок во имплементацијата на Договорот за пријателство меѓу земјава и Бугарија од 2017, што не е став на Европската комисија во нејзиниот последен извештај во 2021, предупреди ЕПИ.
Освен тоа неколку европратеници од бугарската националистичката ВМРО – Бугарско национално движење во текот на расправата пред гласањето ја нареко Македонија „геноцидна кон Бугарите“.